Постојат три силни причини поради кои преку вода треба да се посети православниот верски храм изграден во чест на Света Богородица Заумска.
Причините да се посети ова свето место лоцирано во близина на селото Трпејца на брегот на Охридското езеро се неверојатно ретки во светот.
Покрај огромната природна убавина на локацијата на верскиот храм до која се доаѓа само со кајче, најчесто од Трпејца, верниците но и уметниците и научниците во Заум одат и поради ретките мотиви на фрескописот кои можат да се најдат на многу малку места во светот.
На едната фреска се наоѓа прередок мотив од Света Ана како ја дои Богородица.
На вториот редок мотив на фреската се гледа како Богородица го оплакува Исус.
На третата фреска со многу редок мотив се гледа Дедо Ное со арката во која пред пропаста на светот се собрани сите видови животни кои треба да ја преживеат катастрофата.
Манастирот Света Богородица Заумска е место каде што освен духовниот мир може да ја почувствувате промената на светот што се случувала пред 8 века кога е граден овој восхитувачки храм.
Во Заум во храмот на Света Богородица, повеќе детали за трите мотиви кои се опишани во текстот на видеото на Јутјуб, ќе ви ги даде скромниот Ристе од Трпејца кој цели три години работел на обновата и изградбата на верскиот објект кој освен македонските верници го посетуваат луѓе од целиот свет.






