Олимпијадата заврши, но ние дефинитивно сеуште сме на прав пат да рушиме рекорди- црни, но сепак, рекорди – вака Заменик генералниот директор на Национални шуми Кире Михаилов го почнува фејсбук статусот во кој алармира за состојбата со пожарите во земјава во јули и овој август и последиците -повредени пожарникари и доброволци, изгорена шума, загадена средина…
„Месец јули, за 20 дена со вкупно 765 пожари.Месец август, со над 50 шумски пожари за 12 дена, а заедно со останатите, вкупно 438 пожари, повторно бројка која остава без здив. 40-тина дена веќе се бориме секојдневно со нови, појавени “случајни” огнени стихии, а борбата на терен е нерамноправна тешко е, последици има и ќе има …
Злате од Сирково ја отвори сезоната со тешки изгореници обидувајќи се да го заштити родното Сирково, а неколку дена по него со изгореници и во болница завршија двајцата пожарникари од Битола при заштита на градот на конзулите од пламените јазици на двата пожари над градот.
Ни проголтаа жив човек во неговото огниште, огнените јазици во кумановско. Неколку дена потоа, командирот од ТППЕ Штип и неговиот колега се повредија со скршеници само ден откако заедно се боревме со големата огнената стихија над штипско Селце. Аце, еден од најпознатите пожарникари и доброчинител со неговата невладина од Штип одвај жива глава спаси од пожарите во штипско светиниколско. На крај, четворицата пожарникари од Пехчево завчера поминаа само со полесни изгореници, а огнот целосно го проголта нивното возило и уште многумина кои не се експонираа, а имаат помали или поголеми повреди од изгореници до вдишување чад – раскажува Михаилов.
А од другата страна, вели тој , заедно со огнените пламени јазици имам околу 20 фатени пиромани и уште неколку за кои се водат постапки. Меѓу нив има татко и два сина, практично цело семејство кое ќе оди во затвор
-Од другата страна имаме луѓе кои дефинитивно не се плашат од Божјата казна. Дефинитивно мораме од корен да ја менуваме оваа триесетгодишна утопија дека создаваме нешто, а всушност, реалноста ја покажува на терен огромната нула, И таа нула не е пред се поради тоа толку поради што не сме вложиле доволно во ресурси или обуки, туку оваа година ни покажа дека доволно не сме вложиле во љубов кон татковината во главите на нејзините граѓани. Да имаш по 40 и кусур пожари дневно од кои повеќете од човечки фактор, наш, домашен, човечки фактор кој заедно со нас го дише истиот воздух, кој заедно со нас ја пие чистата природна планинска изворска вода, човечки фактор кој заедно со нас овде ги расте и неговите деца.Дефинитвно не сме вложиле доволно во образованието на луѓето за да ја знаат важноста на ова кое го уништуваат, пишува Михаилов.






