Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски на владината седница по повод 23-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор во 2001 година.
„Тоа што сме различни по етничка и верска припадност, не нѐ прави различни по приоритетите и потребите. Имаме исти заеднички проблеми и затоа треба заеднички да ги решаваме тие проблеми. Не сите придонесуваат подеднакво во овој процес, но суштинското прашање е кои се мотивите?
Етничките теми се злоупотребуваат и се градат кариери во тоа име.
За одредени политички партии Рамковниот договор е најдобар само кога тие се на власт, но кога ќе бидат опозиција, тие веднаш смислуваат критики, заборавајќи колку е скапа цената на тој договор.
Ова го користат како платформа за градење кариери и бизнис коалиции. И кога зборуваат за европски вредности, знајте дека тогаш најмногу ги кршат тие вредности. Колку обичниот човек денес е задоволен?
Одбивам да навлегувам во етнички перипетии на поединци, но ајде заедно да видиме колку можеме да го подобриме животот на народот. Рамковниот договор е дел од Уставот и тоа што не е завршено се реалните проблеми на нашите сограѓани“ изјави Мицкоски.
Тој уште додаде дека патриотизам е „кога за еден месец ќе донесеме три инвестиции, кога ќе исплатиме повеќе од 1 милијарда денари од буџетот заборавени субвенции за земјоделците, кога ќе обезбедиме пари за плати за оние кои не добиле 3-4 месеци. Патриотизам е кога ќе издвоите 15 милијарди денари за инвестиции во општините…“






