Најголем број општини во земјава во континуитет се соочуваат со неможност да им излезат во пресрет на барањата на своите граѓаните преку изградба на јавни објекти со кои ќе се подобрат услугите и ќе се обезбеди поквалитетно живеење. Причината е што најчесто во реоните каде што има потреба од вакви објекти не се донесени детални урбанистички планови или треба да се направат измени на постојните. Донесувањето на вакви детални планови бараат одвојување на многу големи финансиски средства, (што најголем број од општините ги немаат доволно), но истовремено и што нивното донесување се одвива во еден долг временски период, од најмалку четири, пет до десет години. Предложените законски измени ќе им дадат можност на општините да ги исполнат барањата на своите граѓани и истовремено ќе ја зголемат одговорноста на општинските совети, кои требаа претходно да дадат ,,зелено светло,, при одобрувањето на изградбата на секој ваков објект од јавен интерес.
Како дополнителна причина во полза на предложените измени е и обврската за обезбедувањето еднакви можности на сите општини во земјава кои имаат потреба од градба на јавни објекти, а не таа ,,привилегија,, да ја имаат само општините кои располагаат со поголеми финансиски средства за да издвојат за донесување на ваква планска регулатива. Всушност, по неодамна изнесеното ветување на Владата на РСМ дека наскоро ќе објави јавен повик до сите општини за финансирање на капитални проекти во општините, беше забележано дека токму поради недостаток на изработени детални урбанистички планови, голем дел од општините не ќе можат да аплицираат за нивно користење. Поддршката од ЗЕЛС оди во насока, сите општини да учествуваат со еднакви услови кога се обезбедуваат вакви ,,грантови“, бидејќи тие средства треба да бидат во полза, подеднакво на сите граѓани во земјата, велат од ЗЕЛС.< Извор: https://kurir.mk/vesti/makedonija/zels-so-poddrshka-za-predlozhenite-izmeni-vo-zakonot-za-urbanistichko-planiranje/





