Пожарот што избувна североисточно од Атина во неделата се прошири на планината Пентели, северно од грчката престолнина, што предизвика евакуација на неколку населени места.
Пожарот кој брзо се движи, поттикнат од топлите и ветровитите услови, веќе уништи дрвја, домови и возила и создаде густи облаци од чад над градот, јави Катимерини.
Дописничката на МИА од Атина јавува дека во евакуацијата на жителите на зафатените подрачја од пожарот, вклучена е и полицијата, а полицајци одат од куќа до куќа, од врата до врата за евентуално спасување на граѓани.
На терен се 400 пожарникари, со 14 пешадиски тима и 110 возила, како и голем број волонтери, додека со заоѓањето на сонцето, прекина и интервенцијата од воздух, а претходно пожарот го гаснеа 29 средства, односно 16 авиони 13 хеликоптери.
Поради пожарот, што ветрот експресно го прошири, како што рече Ватракојанис, беа испратени вкупно 9 пораки од бројот 112 за итни случаи за евакуација на жителите на населени места што се во близина.
„Имаше и многу спасувања на граѓани кои останаа заробени бидејќи не сакаа да се евакуираат. Затоа, со оглед на тоа што во многу случаи за време на операциите, заробени беа и пожарникари и бидејќи според прогнозите, ветровите ќе останат силни и во наредните часови, го повторуваме апелот до жителите од областите каде што шири пожарот да ги следат инструкции на надлежните органи“, истакна Ватракојанис.






