Оваа влада ќе го одржи зборот даден во изборната кампања и ќе ги зголеми пензиите изјави министерката за за финансии Гордана Кочовска Димитриевска. Според неа, зголемувањето на пензиите нема да има сериозни импликации во државниот буџет, а предупреди дека со новата методологија најголеми корисници ќе бидат оние со најниски пензии.
„Само со ребаланс на буџетот ќе ги добијат првите 2.500 денари. Исто така следната година во март ќе има уште една корекција. Ја менуваме методологијата за зголемување на пензиите. Со новата методологија се фокусираме на оние со ниски пензии да имаме големо зголемување, поточно да го намалиме јазот меѓу највисоките и најниските пензии. Во однос на методологијата, само таа е променета, додека во однос на вкупната вредност, ефектите се мали. Имаме дополнителни фискални импликации, но тие се незначителни во однос на општиот буџет“, нагласи Димитриевска.
Министерката за финансии информира дека во буџетот се предвидени средства за зголемување или усогласување на платите во јавната администрација, односно се’ што е предвидено со колективните договори.
Но, Кочовска Димитриевска оценува дека треба да се смени методологијата за зголемување на минималната плата, за што предупредува дека ќе разговара со синдикатите.
„Се планира усогласување со минималната плата за администрацијата, се планира и регресија или К15, се планира и усогласување на платите согласно трошоците за живот.
Според колективниот договор вели дека платите мора да се усогласат согласно инфлацијата, доколку имаме инфлација поголема од 3%, односно ако инфлацијата е 3,5%, тогаш платите мора да се усогласат за 0,5% и тоа се предвидува со ребалансот на буџетот.
„Но, ако зборуваме за иднината во однос на зголемување на минималната плата, како што е одобрен законот, секако дека треба да седнеме со синдикатите и да разговараме за тој дел“, вели министерката за финансии Гордана Кочовска Димитриевска.






