Една од најголемите трагедии на македонскиот народ е Букурешкиот мировен договор, со што на 10 август 1913 година етнојазичната територија на Македонија била распарчена, а со неа и живото ткиво на македонскиот народ, кој дотогаш опстојувал и живеел како единствена целина во рамки на своите природни етнички и географски граници. Поделбата на Македонија беше условена од геополитичките интереси на моќните европски сили, пред сѐ на Австро-Унгарија и Руското Царство, но и од територијалните апетити на балканските држави.
Во констелација на тогашните меѓународни политички односи и интереси, Букурешкиот мировен договор требаше да го затвори македонското прашање во интерес на големите европски сили, но и да ги задоволи националистичките територијални апетити на балканските држави, без да се земат предвид интересите на македонскиот народ. Од денешна перспектива, Македонците сѐ уште ги чувствуваат негативните последици од Букурешкиот договор, во овој контекст се актуелните негирања на македонските малцинства во Грција и во Бугарија, како и денешните негирања на македонската нација и нејзините особености од страна на Софија. Денес, моќните европски држави речиси идентично се однесуваат кон Македонија и Македонците, водејќи сметка за сопствените интереси, но не и за интересите на помалите народи, што живеат во Европа. Дури, во 2022 година францускиот претседател Макрон побара „правда за бугарските барања“!
На 10 август во 1913 година во Букурешт, во Романија, бил потпишан мировен договор меѓу завојуваните страни од Втората балканска војна. Преговорите се водени од Србија, Грција, Црна Гора и од Романија, од една страна, и поразената Бугарија, од друга страна.Со Букурешкиот мировен договор Македонија била поделена. Територијата на Македонија до Балканските војни го претставувала централниот и најзначајниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа се граничела на север со Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак и Рила. Западните граници се протегале преку планините Кораб, Јабланица, Грамос и Пинд, на југ по реката Бистрица до Егејското Море и на исток до сливот на реката Места. Во рамките на овие географски граници, Македонија зафаќала површина од 67.741,2 квадратни километри.
Со Букурешкиот договор етнојазичната територија на Македонија била поделена на следниов начин: • Егејскиот дел, со површина од 34.356 квадратни километри го окупирала Грција; • Вардарскиот дел со површина од 25.342 квадратни километри го окупирала Србија; • Пиринскиот дел со 6.798 квадратни километри го окупирала Бугарија; • Јужниот брег од Охридското езеро и Мала Преспа со 1.115 квадратни километри ѝ биле доделени на Албанија.
Претходно, на 1 март 1913 година, седум месеци пред потпишувањето на договорот, претставниците на Македонската колонија во Петроград, Гаврил Константинович, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков, потпишале меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, како и на амбасадорите на големите сили во Лондон. Со меморандумот Димитрија Чуповски изработил и мапа на Македонија во колор, со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија. Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на какво било чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили судбината на Македонија ја оставиле да ја решат завојуваните балкански држави. Големите сили не ги зеле предвид барањата на македонскиот народ, кој од пове’е асоцијации, особено од Русија и Швајцарија, интервенирал да се зачуваат неговиот идентитет и единството и целината на македонската територија.
Денес политиката на моќните европски држави кон македонскиот народ како да се повторува, а во тој правец се и негирањата и уцени од соседните држави со кои се соочуваат Македонците, а Европејците и натаму остануваат неми набљудувачи. Со распарчувањето во Букурешт Македонија од централен и најзначаен дел од Балканот станала периферија и провинција на балканските земји. Веднаш потоа започнало асимилирање на македонското население во „Јужни Срби“, Бугари, „Славофони- Грци“ и Албанци.
Македонското револуционерно движење настојувало да ја спречи поделбата на Македонија преку одвојување на македонското прашање од општото источно прашање преку политичка автономија, но македонските водачи направиле стратегиска грешка кога одбиле да ги прифатат Мирцштешките реформи, кои произлегувале од Илинденското востание од 1903 година. Мирцштешките реформи (германски, Mürzsteg Reform Programme) се програма на реформи на управата во Солунскиот, Битолскиот и Косовскиот вилает на Османлиското Царство, кои големите сили му ги наметнале на Османлиското Царство. Реформите делумно се спроведени во периодот 1904-1909 година. Документот го доби своето име по австриското место Мирцштег во Штаерска, каде рускиот цар Николај II и австрискиот император Франц Јозеф со своите соработници на 2 октомври 1903 година постигнале спогодба за спроведување реформи во Македонија.
Мирцштешките реформи претставуваат одговор на востанието во Македонија. Со овој меѓународен акт првпат трите вилаети на Македонија се изделени од другите области на Европска Турција и се поставени извесни основи за политичкото индивидуализирање на Македонија. За спроведување на реформите е задолжена турската власт, со помош на европските сили. За главен инспектор бил поставен Хилми паша. Македонија била поделена на 5 сектори, во кои биле распоредени странски офицери. Скопскиот санџак им бил доделен на австриските офицери, Битолскиот вилает на италијански, Солунскиот вилает на руски, Серскиот санџак на француски, а Драмскиот на англиски. Германија ја доби управата на жандармериските училишта во Солун. Мирцштегските реформи конечно пропаднале.
Извори: „Нова Македонија“, „Плус инфо“, „Македонска нација“





