Скопје1: Го избришаа ли Саше додека беше на смртна постела?

Новинарите се простија од колегата Саше Димовски. Но, дел од нив се шокирани и револтирани од односот на Управниот одбор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), пишува порталот Скопје1 во анализата на случајот во кој претседателот на Судот на честа на ЗНМ и долгогодишен член на организацијата Димовски бил избришан од членство по кратка постапка додека бил во критична состојба во болницата Систина.



Едните информации се дека Димовски бил исклучен од здружението додека бил во болница, додека од раководството на ЗНМ посочуваат дека тоа не е точно. Од здружението велат дека имало само трансферирање на членство од редовен во придружен член. За ваквата одлука наоѓаат оправданост поради ангажманот кој Димовски го доби кај претседателката на државата, во Комисијата за помилување. Прво велат дека консултирале адвокати, потоа дека заседавал Управниот одбор. Кога побаравме да ни достават изработена одлука, ни кажаа дека таква не постои. Не ни е пратен ниту дневниот ред за седницата од кој може да се увиди дали ова била специјална седница за Димовски или се разгледувале други точки. Иако од претседателот Младен Чадиковски побаравме датум на закажување на седницата, добивме само датум на одржување.

Сепак, ако се следи Статутот и Правилникот за членство на кој се повикува ЗНМ, Управниот одбор може да заседава за прием и престанок на членство, но не и за трансферирање. Здружението се повикува на член 10 и велат: „Не станува збор за исклучување на членство како што имате наведено, туку за промена на статус во придружен член согласно член 10 од истиот правилник. Согласно член 10 од Правилникот за членство и членарина, со именувањето во Комисијата за помилување како постојано работно тело во служба на Претседателот, тој добива статус на придружен член на ЗНМ. Оваа одредба предвидува трансформација на членството“.

Ако се провери правилникот може да се утврди дека членот е за суспензија на членството. Во него не се предвидува никакво трансферирање туку суспензија и се вели: „Членството се смета за суспендирано за време на и една година по завршувањето на извршувањето на функцијата Пратеник во Собранието на Република Македонија, Министер во влада, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија или органите на локалната самоуправа…“, пишува Скопје1.

Целата анализа на овој Линк