Најдобрите македонски кошаркари до 18 години ѝ нанесоа катастрофален пораз на Бугарија од 92:68, по четвртини 26:20, 27:18, 16:24 и 23:6, во полуфиналето и утре првпат во третиот обид ќе играат во финалето на Европското првенство од дивизијата Б, а противник ќе им биде подобриот меѓу Австрија и Полска!
Пласманот во мечот за првото место меѓу 22 селекции што се натпреваруваа на првенството во Скопје воедно значи и обезбедена промоција во елитната А-дивизија и учество на Европското првенство в година во Србија!
Избраниците на селекторот Горан Андреевски беа убедливо подобри во текот на целиот меч во арената „Борис Трајковски“, за во последната четвртина буквално да го „оддуваат“ источниот сосед со неверојатна серија од 20:0 за осум минути!
„Црвено-жолтите“ и на стартот од второто полувреме имаа огромни 59:40, но му дозволија на ривалот во последните 10 минути да влезе со надежни -7 (69:62), пред фуриозната завршница на домашниот тим што ја крена на нозе неколкуилјадната публика во најголемата спортска сала во Македонија.
За нецели 25 минути во игра Атанасиј Трајанов стана најкорисен играч на средната со перформанс 28 и дабл-дабл од 17 поени (6/7 за два) и 11 скока, како и 3 украдени топки.
Двоцифрен ефект во две категории кај победничката екипа запиша и Марко Луканоски (20 поени и 16 скока), за корисност 25.
Да не беа 19 нереализирани слободни фрлања и само четирите тројки од 21 обид, триумфот на Македонија ќе беше уште поизразен, но и ваков го зачува максималниот ефект 7/7 во победи досега на првенството.






