Битиќи: Ако бараат Македонците војна со Албанците, ќе ја загубат и пред да почне, а Р*М ќе биде уништена како држава!

„Со вознемиреност гледам понатаму од настанот на скопскиот аеродром, каде што беше извршено насилство врз правото и достоинството на претседателката на Косово Вјоса Османи. Тоа може да биде сигнал дека * Македонија може лесно да се дестабилизира. Дестабилизацијата на * Македонија ќе предизвика нејзино уништување како држава. Тоа ќе значи војна. Тогаш Скопје повеќе нема да биде главен град на * Македонија, туку ќе стане главен град на Дарданија, како што беше во античките и модерните времиња! Во интерес и на Македонците и на Албанците е да живеат во мир и хармонија во заедничка држава. Но, ако Македонците и македонските политичари бараат војна, тогаш треба да знаат дека ја изгубиле војната уште пред да ја започнат! Компромисот и почитувањето на Албанците, вклучително и државата Косово се единствената алтернатива на мирот во * Македонија!“ – вели д-р Енвер Битиќи, професор по политичка историја и меѓународни односи во Универзитетот „Алекандер Мојсиу“ во Драч и извршен директор на Институтот за студии на Југоисточна Европа во Тирана, во Албанија. Овие тешки противмакедонски провокации и воинствени закани кон Македонија и македонскиот народ Битиќи ги изнесува во својата колумна со наслов „Зошто почитта кон Косово и Албанците е единствената алтернатива за мирот во Македонија?“, која ја објави влијателниот весник на албански јазик „Бота сот“ од Приштина, Косово.

Во својата колумна Битиќи пишува: Скандал се случи на аеродромот во Скопје. Безбедносните лица на овој аеродром се обиделе да ја запрат и да ја загрозат претседателката на Косово Вјоса Османи, кога таа тргнувала од овој аеродром, за да учествува на настан во Словенија. Односните лица ја принудиле претседателката да ја остави чантата во скенерот и барале да ѝ се скенира и телефонот. Проверката на личните работи е рутинско правило за секој обичен граѓанин.

Но, врз основа на меѓународни договори, особено врз основа на Виенската дипломатска конвенција, преку која е регулирано однесувањето на државите за лицата, одредени со оваа конвенција, нико, на кој било аеродром, пристаниште или граничен влез, не може да ги контролира личните работи на претседател, премиер и така натаму на лица со дипломатски статус. Сепак, еден, или повеќе лица од обезбедувањето на скопскиот аеродром се осмелиле да го прекршат меѓународното правило и меѓународното право во предметниот случај. Овие луѓе не се само поединци или групи на поединци. Тие добиле наредба од некој со посебни овластувања во македонските институции да го извршат овој чин, што предизвика скандал во односите меѓу двете соседни земји.

Поради оваа причина, скандалот на скопскиот аеродром не е чин само против претседателката Вјоса Османи, туку е против Косово. Скандалот е спонзориран од српски и руски кругови во владата и институциите на * Македонија. Секој ваков чин против властите на Косово, од која било земја, или аеродром, од каде што се поттикнува, е чин против Косово и неговата независност. Во * Македонија лесно се експериментира со диверзија, како што беше минатиот четврток.

* Македонија е позната како земја со состав и измешани чувства „за“ и „против“. Албанците се несомнено заевроатлантски. Исто така и еден дел од Македонците. Одредени делови на населението на * Македонија се и засрпски и забугарски. Распарчувањето на јавноста на „за“ и „против“ предизвика распарчување на политиката во македонското крило. Албанците се поделени само од интереси за власта, но тоа останува на политички план во нивното семејство. Но, Албанците се единствени во поддршката, што ја даваат за евроатлантската ориентација на Македонија. Тоа го докажуваат и податоците од анкетите, кои се прават континуирано.

Спротивно на тоа, Македонците се во противзападно мнозинство. Ова се случува, бидејќи групи македонски политичари негуваат омраза кон Албанците и оваа нивна омраза функционира според принципот „Пријателот на мојот непријател е мој непријател“! Фактот што Албанците се зазападни ги поттикнува Македонците, или голем дел од нив, да го следат заисточниот, заруски курс. Ако на ова се додадат и руската и српската инвестиција на ова поле на верата, како и ориентацијата на овие македонски групи, тогаш ќе сфатиме каква е нивната активна позиција против Албанците и во конкретниот случај против Косово.

Таквите постапки, како што е диверзијата на македонски противалбански делови против Вјоса Османи ни докажуваат колку лесно може да се дестабилизира ситуацијата во оваа држава. Министерството за внатрешни работи во Скопје се огласи по овој повод со соопштение, кое повеќе се занимава со интервенирањето на обезбедувањето на претседателот на парламентот Африм Гаши, отколку со кршењето на македонското и меѓународното право од страна на безбедносните сили на скопскиот аеродром.

Некој во тоа министерство имал за цел да го префрли проблемот врз оние, кои ја штитеа претседателката на Косово. Така што со тоа да ја избрише вината од сторителите на овој бандитски чин. Ова е уште еден доказ дека засрпскиот и зарускиот дел во државната администрација на Северна Македонија се охрабрени и се осмелуваат да прават такви неприфатливи и противзаконски дела.