Во чест на големиот македонски национален празник Илинден утре во православниот храм „Свети Пророк илија“ во селото Јабука кај Панчево ќе се одржи првата литургија на македонски јазик од македонски свештеник во Србија, на барање на македонската заедница кај северниот сосед на Македонија.
Литургијата ќе ја одржи јеромонахот Дионисиј Богев од манастирот Беркасово во Срем, за што има добиено благослов од надлежните епископи на Српската православна црква (СПЦ), сремскиот епископ Василиј и банатскиот епископ Никанор, надлежен за црквата „Св. Пророк Илија“ во Јабука, каде има најголема концетрација на Македонци во Србија.
„Историскиот чин на првата литургија на македонски јазик во Србија се одржува на иницијатива на Националниот совет на македонското национално малцинство (НСМНМ), по повеќемесечни наши заложби и по барање на македонската заедница, а по добиениот благослов од архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, како резултат на соработката меѓу МПЦ-ОА и СПЦ“, изјави секретарот на Советот, Марјан Јовановски, од Нови Сад.
Историската литургија на македонски јазик во Србија ќе се одржи во рамките на централното одбележување на 2-ри Август, кој е признат како национален празник за македонското малцинство во Србија, со полагање свежо цвеќе пред бистата на Гоце Делчев во истоименото основно училиште и со свечена седница на Македоскиот национален совет.
Досега во Србија беа одржани повеќе заеднички литургии и сослужувања на црковни лица од СПЦ и МПЦ-ОА, но ова е прв пат да се одржува самостојна литургија на македонски јазик од свештеник Македонец на СПЦ.






