Хајдари: Албанската академија е завршена работа, нема враќање назад! – Шовинистите во МАНУ можат само да се сликаат!

„Со својата камуфлирана омраза кон Албанците, македонските противалбански академици, кои ги има таму повеќе од 80 проценти, само внесоа оган во идејата за формирање на Албанската академија на науки и уметности во * Македонија. Албанската академија е завршена работа. Како што беше завршена работата и со Тетовскиот универзитет во 1994 година. Нема враќање назад. Во МАНУ сега можат само да се фотографираат! Си го баравте, си го добивте! Албанската академија произлезе од вашата работа, шовинистичка и навредлива кон Албанците.“ – изнесува со еден нечуен речник Фејзи Хајдари, новинар и издавач на весникот на албански јазик „Лајм“ во својата колумна со наслов „Да, да… На Албанците им треба Албанска академија, која нема да дозволи дискриминација и навредување“.

Хајдари пишува: Сега на МАНУ треба да ѝ се испрати само еден поздрав: Албанската академија е завршена работа. Господ да ви го отстрани злобното мислење за Албанците. Немојте сега со она „има академици-Албанци“ „отворени сме“…! Ако има такви, однесете си ги дома! Албанската академија произлезе од вашата работа, шовинистичка и навредлива кон Албанците. Кога во една држава, каква што е * Македонија, Академијата, која се смета како „мозок на нацијата“, се занимава со ваква противалбанска политика, тогаш што да очекуваме од другите институции, или од навивачите на Вардар „Комити“, кои како да се „инспирирани“ од „академиците“ со мозок на српските академици, та среде Скопје бараат „Гасни комори за Албанците“ и извикуваат „Само мртов Албанец е добар Албанец!“ Дали се форма на соживот овие фашизоидни повици, кои не беа осудени никогаш од соодветните институции и органи?

Противалбанските случувања во рамки на Академијата на науки и уметности на Македонија (МАНУ) беа и се во стилот на поранешната Академија на науки и уметности на Србија (САНУ), па затоа не само Вреди, туку и многу албански политички партии требаа дури и пред 2001 година да покренат таква иницијатива за Албанска академија на науки и уметности во * Македонија. Ниеднаш не видовме од МАНУ иницијатива, која би била за доброто на Албанците. Се случувало секогаш спротивното: игнорирање, презир, навредување, отстранување и исклучување на Албанците од оваа висока научна институција. Некои, нагласувам „некои“, албански академици, кои беа дел на Академијата, или беа „Албанци според професија“, или беа „Албанци според потреба“, повеќе ѝ служат на противалбанската политика, одошто на претставувањето на албанскиот интерес таму.

Навредливата Енциклопедија против Албанците е само едно од многуте сведоштва дека во МАНУ се готвеле најотровните јадења против Албанците. Само немојте да кажете дека навредливата Енциклопедија е објавена без знаење и согласност на македонската политика, и на власта и на опозицијата. Сите овие црнила на МАНУ се јадења на противаалбанската кујна на Српската академија – САНУ, која со векови негува противалбанска институционална политика, уште од „Начертанијата“ на Илија Гарашанин од 1884 година, со цел да се протераат Албанците од нивните етнички територии. Затоа, денешните Албанци не мора многу да размислуваат и да анализираат, за да ја сфатат горчливата реалност со МАНУ, која се занимава со противалбанските „копи-пасте“ „формули и методи“, така изготвувајќи ја и навредливата Енциклопедија за Албанците.