„Нема да дозволиме криминално барање на трета земја да го отежнува слободното движење на нашите граѓани.“ – нагласи денеска косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла во одговорот на новинарско прашање во врска со барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, кој беше приведен минатата недела на граничниот премин Јажинце, меѓу Косово и Македонија. Свечла, кој е во официјална работна посета на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, изјави дека за случајот веќе се произнел македонски суд.
„Што се однесува до екстрадицијата на нашиот граѓанин по барање на Србија, за тој случај има изјава, се произнел и самиот суд во Република Македонија. Ние сме подготвени да разговараме и да работиме и како две соседни земји и како две пријателски земји. Но нема да дозволиме криминално барање на трета земја, која што нема законска основа ниту во меѓународното право, да го отежнува слободното движење на нашите граѓани.“ – рече Свечла.
На барање на Обвинителството за организиран криминал на поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани му е одреден екстрадициски притвор од 30 дена. Тој е приведен на 17 јули 2024 година на преминот меѓу Косово и Македонија и веднаш беше префрлен во затворот Шутка во Скопје.
Во врска со денешното барање од страна на министерот за правда Игор Филков Косово да ги екстрадира Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, двајцата осудени на доживотен затвор во случајот познат како „Монструм“, Свечла одговори дека не треба да се поврзуваат овие два случаја. „Не можеме никако да ги поврземе овие два случаја. Се работи за трета земја, која и во регионалната соработка е проблем за подобра соработка меѓу земјите во регионот, а да не зборуваме за пречките, за лошите работи и криминалот, што ги прават во однос на Косово.“ – кажа Свечла, дополнувајќи дека собраните податоци биле предадени до Јавното обвинителство на Косово.





