Државичево чиниш колку едно село во Кина. Да, мало е. Мало, мало, ама техничарче. Море, инженерче. И тоа компјутерско.
Така барем тврди јавниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб. Ни помалку, ни повеќе, туку баш Македонија влијаела врз резултатите од претседателските избори во неговата земја, обвини тој. Хакерски напад од Македонија врз системот на Националниот изборен совет, координиран од лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо, да ти ги изместил бројките, па прво актуелниот шеф на државата Николас Мадуро прогласи победа, за веднаш потоа неговиот противкандидат Едмундо Гонзалез Урутија да убедува дека добил 71 отсто од гласовите.
Еееееееј, што ти е Македонија. А бе каква Венецуела, какви бакрачи! Претседател на САД им избра! Ако ѝ е се верува на Хилари Клинтон по загубените избори од Доналд Трамп во 2016 година, кога за својот неуспех ги обвини – велешани! Од таму, уверуваше таа, портали објавувале лажни вести во корист на нејзиниот ривал, што ја решило претседателската трка на нејзина штета.
Ами како. Та, нели, токму од Македонија стигна опомената пред исклучување за Ким Јонг Ун? Откако му ‘ржна Министерството за надворешни работи, тогаш на бај Никола Димитров, не помисли црни Ким на нуклеарна проба. Скопската маалска закана „седи, бе, не ме знаеш“ да ти стигнала до Пјонгјанг.
Од истото тоа МНР на Николче крв немаа ни Хутите. Можеби во последно време собрале храброст да ракетираат американски и британски бродови, ама од Македонија бегаат како ѓавол од крст, откако таа им порача да не ни помислуваат повеќе да „фрлаат“ проектили врз Саудиска Арабија.
Ништо помал уплав немаше ни Путин, и тоа од Славјанка. Уште Русите не беа нападнале на Украина, а веќе мораа три пати да мерат пред да сечат откако тогашната министерка за одбрана на 30. членка на НАТО им порача да берат памет. Конкретни докази за деескалација му бараше Петровска на Владимир, инаку маф му е работата.
И ај сега. Македонија била мала, слаба, небитна? Како не, бе. Ај, важи. Половина свет не знае ни на карта кај да ја најде, а ваму, му се тресат колената од неа. Претседател не можат на раат да си изберат. Ма, какво (штетно) кинеско, руско или не знам какво влијание? Што да се рече за македонското…






