Британскиот весник „Дејли мејл“ објави репортажа од протестниот марш на Македонците од Австралија низ улиците на Сиднеј, каде што дневниот лист од Лондон проценува дека 30.000 луѓе го обоиле градот во жолто и црвено.



„Австралиските Македонци излегоа на улиците во Перт, Мелбурн, Бризбејн и Сиднеј во знак на протест и за промовирање на нивните национални интереси, човекови права и правото на самоопределување. Демонстрантите ги обоија улиците со црвена и жолта боја, кои го претставуваата македонското знаме. Тие, исто така, држеа транспаренти со натписи „Крај на геноцидот врз Македонците“, „На Македонците во Албанија им се одземени основните човекови права“ и „Името на Македонија не е на продажба“.

Демонстрантите кои се собраа во Сиднеј, околу 30.000 луѓе, ја пееја националната химна и маршираа низ улиците, извикувајќи „Македонија“ додека се слушаа гласни тапани. ‘Дејли мејл Австралија’ дознава дека имало толку многу луѓе што кога првиот бран стигнал до ‘Мартин плејс’ некои луѓе само што тргнувале од Градската куќа.

Протестот, исто така, беше за осуда на секој што ги негира македонското име и идентитет и да ја зголеми свеста за маките со кои се соочува Македонија. Многу балкански земји се судрија со Македонија, но најмногу се објавува за Грција.

Грција смета дека Македонија, позната низ светот како Поранешна Југословенска Република Македонија, нема право да го користи името што го има и оти секогаш ќе биде дел од Грција. Македонија го оспорува ова и е исклучена од меѓународната заедница, според Џош Шерман, портпарол на ‘Ние сме Македонија’.

Луѓето допатуваа од Волонгонг, Њукасл и Канбера за да присуствуваат на протестот во Сиднеј.

Г-дин Шерман изјави за ‘Дејли мејл Австралија’ дека секогаш откога Грција незаконски ја окупирала Македонија во 1913 година имало превирања во земјата.

„Оттогаш нашиот народ страда“, рече тој.

Г-дин Шерман на митингот во Сиднеј изјави: „Денешните протести исто така ќе го покажат нашиот отпор како мачени и угнетени луѓе“.

Тој исто така рече: „Ние не сме агресори во оваа ситуација. Ние сме, едноставно, скромен, древен и мирен народ, кој си го бара правото да биде третиран со достоинство, почит и еднаквост во заедницата на светските народи“.

„И, што е најважно – да го третираат како Македонци“.

Тој за ‘Дејли мејл Австралија’ изјави дека Македонците не мразат никого, само сакаат право и почит да се приклучат на меѓународната сцена.

‘Не сакаме да присвојуваме некчија друга историја или култура’, рече тој.

Протестите во Сиднеј можеби беа мирни, но чадни бомби го осветлија митингот во Мелбурн. Организаторите ги молеа луѓето да престанат да палат факели и да активираат чадни бомби, бидејќи тоа требаше да биде мирен протест. Црвен прав ги покри протестантите додека одеа од Карлтон Гарденс во државниот парламент на ‘Спринг стрит’.

Според пописот од 2016 година, 66.019 лица во Австралија зборуваат дома македонски, а 38.985 ја наведуваат Република Македонија како нивно место на раѓање“, пишува „Дејли мејл“ од репортажата за македонските протести во Австралија.