Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, ја прекина посетата и се враќа во земјата каде се очекува под итно да го свика воениот кабинет по вчерашниот ракетен напад врз окупираната Голанска Висорамнина, кога на едно фудбалско игралиште загинаа најмалку 12 тинејџери.
Израел го обвини Хезболах за нападот, но Хезболах побрза да негира каква било улога.
Нетанјаху предупреди дека Хезболах „ќе плати висока цена за овој напад“.
Неговиот екстремно десничарски коалициски сојузник, министерот за финансии Бецалел Смотрич, повика на остра одмазда, вклучително и против лидерот на Хезболах, Саид Хасан Насралах.
„Денешниот напад на Хезболах ги премина сите црвени линии и одговорот ќе биде соодветен. Се приближуваме до моментот на тотална војна против Хезболах и Либан“, изјави израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац за Аксиос.
Израелскиот министер за енергија и инфраструктура Ели Коен на социјалните мрежи напиша дека Либан „мора да изгори“ .
Портпаролот на армијата контраадмирал Даниел Хагари го нарече нападот „најсмртоносниот напад врз израелски цивили од 7 октомври досега“.
Најмалку 10 цивили загинаа во напад на игралиште во Голанската висорамнина.
Израел ја зазеде Голанската висорамнина од Сирија за време на Блискоисточната војна во 1967 година, а подоцна ја анектираше во 1981 година.
Во писмената изјава, Хезболах објави дека „Исламскиот отпор нема апсолутно никаква врска со инцидентот и категорично ги негира сите лажни наводи во овој поглед“.
Како одговор, израелската војска ги нападна позициите на Хезболах во јужен Либан и тврди дека борците загинале.





