Социјалдемократите се противат на назначувањето на нивниот поранешен сопартиец, сега кадар на ЗНАМ, за в.д директор на затворот во Прилеп. Емил Јанески, како директор на „Водовод и канализација“ Прилеп, назначен од локалната власт на СДСМ, пред две години доби кривична пријава за „несовесно работење во службата“ и предизвикување на штета врз буџетот од препријатието во висина од 2,3 милиони денари. Тогашните сопартијци го бранеа, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ го напаѓаше преку општинскиот комитет. Сега улогите се сменети.
Од владата испратија соопштение, во кое велат дека, за Јанески никогаш не е отворен обвинителен акт за несовесно работење во службата, ниту пак е поведена некаква судска постапка. Обвинителството во Прилеп ја одбило пријавата од причини што нема никаква основа за постапување. Негираат и дека Ибраим Елези, кој и самиот бил осуден на четири години затвор поради продажба на наркотици, бил именуван за в.д. директор на отвореното одделение во Велес.
Името на Елези, кој е предложен од коалицискиот партнер во владата, „ВРЕДИ“, го имаше во дописот испратен до медиумите, веднаш по завршување на владината седница, но по бурните реакции во јавноста, е повлечено од листата на предлози.
Меѓу кадрите со проблеми со законот е и новоименуваниот в.д. директор на Државниот завод за индустриска сопственост, Елјеса Незири, кој во февруари годинава добил кривична пријава за кривично дело – насилство.
Извор: Телма.мк






