Живковиќ: Со можната поделба на региони според белгиски терк ДУИ би ја разбила унитарноста на Македонија

„ДУИ со моделот на Белгија само би ја продлабочила нефункционалноста во Македонија. Со можната поделба на региони со повеќе службени јазици според белгиски терк како краен резултат би се разбил унитарниот карактер на државата.“ – предупредува Милко Живковиќ, уредникот на веб-редакцијата во весникот „Нова Македонија“ со својата колумна со наслов „Белгискиот модел не носи чоколадо и вафли, туку поделби и нефункционалност“.

Покрај другото, Живковиќ пишува: Белгискиот модел е еден од двата модела, заедно со оној од Северна Ирска, разработени од американски експерт ангажиран од ДУИ, според кои целат да се преуреди земјава. Но за разлика од интегративците јас директно видов и слушнав како функционира Белгија, додека престојував таму, во Брисел, во 2013 година.

Поделбата меѓу Фламанците и Валонците може да се почувствува на секој чекор. Јазичната бариера меѓу Фламанците, кои зборуваат холандски, и Валонците од француското говорно подрачје е најлесно забележлива. Постои многу сложен проблем, заснован врз економски, политички, културни, социјални и историски разлики меѓу северот и југот. Внатрешните несогласувања ја оставија Белгија без влада 652 дена без влада, сѐ до октомври 2020 година. Таа стана синоним за држава со постојана институционална нефункционалност, што не може да формира влада.

Земајќи ги предвид сите информации за Белгија, извесно е дека ДУИ со својот модел само би ја продлабочила нефункционалноста во Македонија. Со можната поделба на региони со повеќе службени јазици според белгиски терк, како краен резултат би се разбил унитарниот карактер на државата. Тоа би донело опасност за одвојување територии од земјава и нивно придружување со соседни држави. Затоа, да се држиме ние до постојниот македонски модел на унитарност, со исклучителна меѓусебна почит и долга традиција за тоа меѓу жителите на Македонија.

Да ги оставиме настрана туѓите модели, зашто од нив можат да профитираат само скапо платените странски експерти и политичарите, што ги заговараат. Да внесуваме нешто неиспробано на ова општествено поднебје, да експериментираме со модели што не одговараат на карактерот на историските корени и стремежите на македонскиот народ и на сите овие што живеат рамо до рамо во заедничката татковина – не бива. Таков исчекор е внесување „трн во здрава нога“.