Париз од 26 јули до 11 август ќе биде домаќин на Летните олимписки игри по трет пат во историјата, 33-ти по ред, точно еден век откако последен пат беше домаќин на најдобрите светски спортисти на игрите во 1924 година.
Церемонијата на отворањето, која почнува во 19:30 часот, ќе биде посебна и првпат во историјата нема да се одржи на стадион, туку спортистите и делегациите ќе пловат шест километри по Сена во 100 бродови, а на брегот се очекуваат 300.000 гледачи.
За разлика од отварањата на претходните олимписки игри, Париз ќе биде единствен бидејќи церемонијата нема да се одржува на стадион, туку низ улиците на градот и на брегот на реката Сена.
Тоа ќе биде фестивал на вода за време на кој ќе продефилираат 10,714 спортисти од кои шесторица од Македонија.
Олимпискиот оган ќе биде запален пред плоштадот „Плас ду Трокадеро“ кој се наоѓа спроти Ајфеловата кула, се уште се крие информацијата кој ќе го запали.
Ќе се одржат вкупно 329 натпревари во 32 спорта, еден ќе дебитира на Олимписките игри, тоа е брејкденс.
Нашата репрезентација ќе ја преставуваат Дарио Ивановски (атлетика), Владимир Егоров (борење), Никола Ѓуретановиќ (пливање), Анастасија Мојсовска (стрелаштво), Еди Шерифовски (џудо) и Мила Рељиќ (теквондо).
Покрај спортистите ќе имаме и судии во три спорта, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов (ракомет), Иван Михајловски (триатлон) и Анета Павловска (тенис).
На денешното свечено отворање, знаменосци од Македонија ќе бидат Дарио Ивановски и Мила
Игрите ќе се одржуваат и под засилени безбедносни мерки, па така во секој момент ќе патролираат 5.000 полицајци, војници и ангажирани чувари. Реката Сена ќе биде оградена за време на вечерашната церемонија и пристапот до одредени области ќе биде строго ограничен и контролиран.
Се проценува дека цената на организацијата е девет милијарди евра и се најавува дека ова ќе бидат најзелените ОИ во историјата, при што се изградени само две нови спортски арени.






