„Дали ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети се повлекуваат од ‘белгискиот и ирскиот модел’ по зголемените активности на Обвинителството за борба против корупцијата и и полицијата, но и откако се поднесени кривични пријави против членови на семејството на Ахмети како осомничени за извршени кривични дела?!“ – прашува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Дали ДУИ се повлекува од ‘белгискиот и ирскиот модел’ по зголемените активности на Обвинителството и полицијата?“
„Журнал“ пишува: : Во официјалното соопштение од кабинетот на претседателот на ДУИ Али Ахмети, по средбата со норвешката амбасадорка во * Македонија, Кристин Мелсом, се споменува американскиот експерт Пол Вилијамс. Но, никаде ги нема „регионите“, или „кантоните“, кои ги споменуваше ДУИ дека размислува за преуредување на Р*МВ според моделот на Северна Ирска, или на Белгија. Наместо тоа, се споменува само ангажманот на професорот Вилијамс за „меѓуетничката легитимност на институциите“.
Во целото соопштение по средбата на Али Ахмети со норвешката амбасадорка Кристин Мелсом, со големо внимание и финеси од Прес-центарот на ДУИ беше напишано: „Соговорниците разменија мислења за политичките случувања во земјата и регионот, за изборите на 8 мај, како и за послеизборните случувања во * Македонија, евроинтеграцијата, етничкиот изборен легитимитет и др. Претседателот Ахмети ја информира амбасадорката Мелсом за непоколебливиот став на Демократската унија за интеграција за уставните измени и евроинтеграциите преку почитување на Договорот за добрососедство, Преспанскиот и Охридскиот договор. Лидерот Ахмети ја истакна важноста на меѓуетничкиот легитимитет на институциите во земјата како резултат на изборниот процес и во согласност со духот на Охридскиот договор. Околностите во Северна Македонија се многу специфични и се регулирани со мирни договори, затоа секое непочитување има последици врз стабилноста и легитимноста на институциите. Тој ја информираше норвешката амбасадорка за ангажманот на експертот за право и меѓународни договори Пол Вилијамс, кој е познат и како автор на Охридскиот договор, да подготви платформа за меѓуетничкиот легитимитет на централните и локалните институции врз основа на изборните резултати и духот на Охридскиот договор. Во спротивно се губи причината за учество во изборните процеси на заедниците во нашата земја, ако нивните претставници се определуваат со диктат од поголемата заедница како во времињата на едноумието.“
Неспомнувањето на белгискиот и ирскиот модел во ова соопштение почна да се поврзува со неодамнешните активности на Обвинителството за борба против корупцијата и како знак дека ДУИ се повлекува од идејата за „региони“ и „кантони“, се уште без да го обелоденат тоа.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека МВР со зголемено темпо ќе ги гони криминалците и поранешните функционери, кои и нанеле штета на буџетот и државните интереси. Оваа порака Тошковски ја упати до албанската опозиција, а таа го обвини дека преку неосновани кривични пријави се обидува да шири страв. „Сакам да ве предупредам дека МВР врз основа на фактите и доказите ќе ги продолжи сите постапки за сите, кои биле недопирливи и чие име не се смеело да се спомене во истражните органи, а уште помалку да биде истражувано.“ – нагласи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во рамки на расправата за избор на заменици-министри во Собранието, парламентарното мнозинство ги спомена имињата на членовите на семејството на лидерот на ДУИ Али Ахмети како осомничени за кривични дела. Обвинувањата меѓу власта и опозицијата за имињата на членовите на семејството на Ахмети уследија, откако полицијата поднесе кривична пријава против Дрин Ахмети, внук на Ахмети, како и против неговиот брат, Дрин Ахмети, според полицијата, осомничен дека го злоупотребил рудникот во Кичово и не го реализирал договорот со Министерството за правда, односно не го платил надоместокот за користење на рудникот под концесија.





