Фудбалерите на Вардар загубија од Динамо Загреб со 3:0 на „Максимир“ во пријателски натпревар одигран во чест на 77. роденден на најтрофејниот македонски клуб.
Головите за освојувачот на двојната круна во Хрватска минатата сезона ги постигнаа Куленовиќ во 37. минута, Пјаца во 45+1 минута и Торенте во 85. минута.
Пред почетокот на средбата на бекот на загрепчани и поранешен вардарец, ексрепрезентативец и капитен на Македонија, Стефан Ристовски, му беше врачен нов дрес на Вардар од брендот „Ерима“ како благодарност за гестот од минатата сезона, кога финансиски го помогна својот некогашен клуб кога му беше најтешко.
На 27 јули „црвено-црните“ ги очекува уште една силна проверка пред почетокот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, а противник ќе им биде членот на англискиот Чемпионшип и поранешен премиерлигаш Свонси.
Пред дуелот со Динамо, Вардар ги совлада Мура со 2:0 и Чарда Мартјанци со 3:1, а загуби од Бистрица со 1:0.





