Николоски: Патот Ранковце-Крива Паланка ќе биде готов до Нова Година

Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка ќе биде готов до крајот на годината, изјавија денеска директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кои беа на увид на градежните работи.



Патот кој е долг 25 километри, како што рече директорот на државни патишта, е почнат да се гради во 2018 година и досега се реализирани 80% од работите.

– Патот се гради во два Лота и тоа од Страцин до Длабочица во должина од 15 километри и од Длабочица до Крива Паланка во должина од 10 километри. Досега процентот на изградба на едниот Лот е 71%, а кај другиот Лот е околу 90%. Очекуваме до Нова година да биде завршен – рече Трајановски.
Вкупно за овој пат треба да се потрошат 93,7 милиони евра, додаде Трајановски кој смета дека со неговата изградба ќе се подобрат врските на регионот во кој се гради со остатокот од земјата и ќе биде поврзување на земјава со соседна Бугарија.

Министерот Николоски рече дека патот многу бавно се градел од неразбирливи причини и досега не се завршена целосна експропријација на земјиштето каде што ќе поминува патот, но има и низа други проблеми околу изградбата.

Со задоволство можам да кажам дека овој експресен пат кој со модерно патно решение ќе ги поврзе Куманово и Крива Паланка, но и Крива Паланка и Ранковце со главниот град ќе направат брзо да се стигнува, ќе се развива бизнисот и луѓето ќе остануваат да живеат во местата од каде потекнуваат. Овој експресен пат ќе помогне да се забрза комуникацијата со Софија, да се скрати времето за патување и како би се отворил главниот град кон Софија. Патувањето би дошло некои пристојни 2 и пол часа од Скопје до Софија и на тој начин да го отвориме Коридорот 8. Ова е проект кој го затекнавме кој одеше со слаба динамика во минатото и проект на кој не било посветено доволно внимание. Со задоволство можам да ви кажам дека по Нова Година може да го користат сите жители и на овој начин ќе ја развиваме Македонија, заклучи Александар Николоски.