…Што значи „длабок рез“ во судството? Носење нови закони, ветинг, реорганизација на судовите? Не мора!
Ова го вели уставната судијка Ана Павловска Данева во интервју за „Фактор“ според која доволно е да се почне со тоа што надлежните органи (Антикорупциска комисија, Управа за јавни приходи, Финансиска полиција, Управа за перење пари) ќе спроведат организирана акција за проверка на потеклото на имотот на судиите, почнувајќи од оние во највисоките судови, па се до новоизбраните во основните судови.
„Понатаму, да се стават на увид резултатите од редовното и вонредното оценување на судиите кое според најновите правила си го спроведуваат самите судии, повисоките судии ги оценуваат пониските.
Да се повика Судскиот совет да ја извести јавноста што е преземено во однос на најслабо оценетите судии. И обратно, да се запознае јавноста со судиите кои добиле највисоки оцени за својата работа според квантитативните и квалитативните критериуми по кои биле оценувани“, вели Павловска-Данева.
„Последно, а најважно, е обезбедување на сите предуслови за градење и јакнење на интегритет на судиите. Тоа е најтешкиот дел. Интегритетот е нешто што не може да се нормира со закони, тоа е дел од правната и политичката култура која ја споменав на самиот почеток.
Пред некој ден, Претседателот на Владата изјави дека поголем број судии барале средба со него.
Е, токму ова претставува недостаток на интегритет на тие судии – лице кое има траен мандат на една од трите функции на власта, се нуди за средба со политичар чија функција е минлива.
Просто необјасниво! Добро е што не ги примил Премиерот, се надевам следниот пат нивните имиња ќе ги пријави во Советот за судска етика.
Барем да видиме дали и како функционира ова тело, за чие постоење речиси никој не знае“, вели уставната судијка Павловска-Данева за „Фактор“.
Целото интервју на следниот ЛИНК






