Мехмети во „фронтален напад“ врз ВМРО ДПМНЕ и Македонија: Без Албанците во неа би го сменила не само името и знамето, туку и изгледот!

„Без Албанците во неа Македонија како држава немаше да ги смени само името и знамето, туку и изгледот! ВМРО-ДПМНЕ е убедена дека Република * Македонија и сè што е во неа – вклучително и Албанците во неа – постои само за да им служи на македонизмот и македонскиот етнички интерес! Но, Албанците не ги интересира Македонија, туку само она што е прифатливо за нив!“ – со овие невидени противмакедонски ставови се огласи публицистот и писател Ким Мехмети во својата колумна со наслов „Без Албанците во неа Македонија не само името и знамето, туку и изгледот би го сменила“, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.

Мехмети пишува: Има еден „генетски“ проблем, што ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да може да го надмине: убедена е дека Република * Македонија и сè што е во неа – вклучително и Албанците во неа – постои само за да им служи на македонизмот и македонскиот етнички интерес. Ова ја наведува ВМРО ДПМНЕ да ги чувствува Србите како свој поголем брат, кој се грижи за нивната земја, а Албанците како природен непријател на државата, со која раководи.

Затоа, кога ќе дојде ВМРО ДПМНЕ на власт започнува внесувањето на напнатоста во меѓуетничките односи. Како што тргнаа и затворањата на војниците на УЧК според налог за апсење од Белград, за да ѝ го направат ќефот на Србија. ВМРО ДПМНЕ се однесува вака најмногу, затоа што тоа ѝ го дозволи ДУИ, а потоа и сите други партии. Таа го искажува отворено своето противалбанство, бидејќи сфати дека албанските партии ѝ простуваат се, само ако ги задржат во власта.

Само еднаш албанските партии да ѝ ставеа на знаење дека нив не ги интересира каква Македонија сака, туку оти нив ги интересира само она што е прифатливо и за Албанците, ќе ѝ помогнеа на оваа партија со противалбански бои да разбере дека кога би имала и 100 пратеници без Албанците во неа оваа држава немаше да ги смени само името и знамето, туку и изгледот!