Црвено црните ракометари утре ќе имаат лесен, лефтерен, неважен дуел со Висла Плок во Скопје бидејќи по ремито денеска на Нант кај Рајн Некар Левен 30-30, Французите не го минаа Вардар и по 14 одиграни средби се втори. Тие се изедначија со Европскиот првак со по 20 бодови, но нашиот тим има подобар меѓусебен биланс што значи дека го прескокнува осминафиналето и се приклучува повторно во натпреварите од ЛШ во четвртфиналето кое е на програмата меѓу 18 и 22 април, кога Вардар ќе игра во гости, и меѓу 25 и 29 април во реванш меч во во Скопје.
Што се однесува до можниот противник на Вардар, тој ќе дојде од пресметката на четвртиот од составот Б, Киелце или Кил против сигурно петтиот во нашата А група, Пик Сегед. Се зависи од мечот на Кил кај ПСЖ во текот на утрешниот ден.
И колку за Вардар дуелот в недела од 17 часот нема значење, толку за Висла Плок тој е од витално зошто Полјаците се на делба на шестото место, последното кое води во елиминациската фаза, но со ист број бодови со Загреб и Кристијанштад кои утре во исто време имаат пресметка во хрватскиот главен град.




