За Ружин и Малеска „ќе дојде време РМ административно да се подели“ и „ќе мора да се сменат уставот и законите“!

„Рано е, но ќе дојде време за административна поделба, ќе мора да се сменат уставот и законите!“ – нагласуваат во изјава за ТВ 21 поранешниот амбасадор и универзитетски професор Нано Ружин и универзитетската професорка Мирјана Малеска, коментирајќи ги „белгискиот и северноирскиот модел за поделба на Македонија“, кои се „анализираат и ќе бидат предложени од меѓународни експерти и автори на Рамковниот договор, ангажирани од ДУИ“. Вџашувачки изјави на Ружин и Малеска се, всушност, директна поддршка на обидите на ДУИ, иако е партија во опозиција, да издејствува со „меѓународна експертиза“ – но дали и со некаква и нечија меѓународна поддршка? – „територијално преуредување“ на Македонија како држава, поточно нејзино претворање во федерална, или поинаква заедница на кантони. Премиерот Христијан Мицкоски директно и јасно оцени дека она „што го анализираат и што ќе го предложат меѓународните експерти“, по нарачка на ДУИ, претставува „политички памфлет“ и „обид за дезинтегрирање, за нарушување на унитарниот карактер“, кој сепак „никаде нема да наиде на сериозност“. „Семинарската работа“, која ја изготвуваат „меѓународните експерти и автори на Рамковниот договор“ со наслов „Белгиска, или северноирска кантонизација на Македонија, поделена на региони“, за премиерот Христијан Мицкоски има сосема јасно значење: преку иницирањето на таа политичка и во секој случај опасна политичка тема ДУИ сака да ги сокрие и да ги заштити своите криминали! Еден од лидерите на албанската коалиција Вреди-членка на Владата и министер за здравство Арбен Таравари реагираше иронично преку својот фејсбук-профил во врска со намерата на ДУИ да ја „дели Македонија на региони“: „Како се сети ДУИ денеска за првпат по 22 години какво би било територијалното решение соодветно за Македонија? ДУИ не доцни една, или две години, туку 22 години… ДУИ пропаѓа и во опозиција…“

Наспроти ваквите директни и јасни ставови на Мицкоски и Таравари, Нано Ружин и Мирјана Малеска со ниеден збор не се произнесуваат околу „ефтините“ „меѓународно-експертски“ поигрувања со територијалниот интегритет и унитарниот карактер на Македонија во „режија“ на Ахмети и неговите сопартијци од ДУИ. Напротив.

ТВ 21 пишува: „Поранешниот амбасадор и универзитетски професор Нано Ружин смета дека е рано за идејата за промена на моделот за регулирање на државата според белгискиот, или ирскиот модел, нешто што го разгледуваат и ќе го предложат меѓународните експерти ангажирани од ДУИ. Ваквата идеја ќе се соочи со отпор кај народот, но и кај политичките субјекти, вели тој.“

„Зборувајќи за белгискиот модел за регулирање на државата, кој е поделен во три региони, според јазикот на кој се зборува, професорот Ружин рече дека и ваквата поделба не се покажала како ефикасна, бидејќи се отворени други прашања, како што е плаќањето на даноците – луѓето од еден регион, кои работат во друг регион, бараат да плаќаат даноци според местото, во кое што живеат.“

„Наведувајќи дека ‘земјата веќе има пракса, заради формирање Влада, во коалиција да влезат победниците од двата најголеми етнички блока’, универзитетската професорка Мирјана Малевска вели дека ‘што и да кажат експертите, тоа решение ќе треба да помине низ Собранието’. ‘Треба да има двотретинско мнозинство. Овие типови правила, кои влијаат на односите меѓу заедниците, треба да се прават со такво мнозинство, а сегашното мнозинство го нема. За секое правило, што е воведено во Уставот, мора да има уставна процедура, мора да се сменат правилата, Уставот и потоа законите, изборниот законик.’ – посочува Малеска.“