Се крати од здравството, финансиите и одбраната, се додава кај платите за администрацијата, пензионерите, земјоделците, општините. Новата Влада ја прекрои државната каса и предлогот влезе во Собранието, објави „Пари“. Бројките се сведуваат на приходи проектирани со зголемување од 2,6 проценти и износ од 5,17 милијарди евра, трошења поголеми за 5,6 насто и сума од 5,9 милијарди евра, како и дефицит од 726 милиони евра. Кој ќе се санира со задолжувања, првенствено на домашен терен.

Најголем дел од народните пари – 4,95 милијарди евра – одат на социјални трансфери, плати и пензии. И тоа, 2,76 милијарди евра ќе се користат за социјални трансфери. Во однос на основниот буџет, средствата за оваа намена се зголемени за 4,9 процети, што значи за 129,4 милиони евра. Кај платите и надоместоците се додаваат 7,9 проценти и 53,2 милиони евра, па сега таа ставка изнесува 723,4 милиони евра. За потребите на пензионерите се предвидуваат 1,47 милијарди евра. Овде растот е шестпроцентен, а разликата меѓу ребалансираната и првичната сума изнесува 83 милиони евра. Притоа, пресметано е и претстојното линеарно зголемување на пензиите.
Зголемувања има кај речиси сите расходни ставки. На пример, за 15,5 милиони евра се повисоки трансферите кон единиците на локалната самоуправа, со проектиран износ од над 501 милион евра. А, за речиси 3,2 милиони евра ставката стоки и услуги, која партиите ја „озборуваат“ кога се во опозиција, а сега е поставена на нивото од околу 412 милиони евра.

Трошењата се намалени кај три од 15 ставки: капиталните расходи се пониски за близу 2,6 милиони евра и се зацртани на 732,67 милиони евра; надоместоците за невработени се помали за 1,6 милиони евра и се во износ од 23,2 милиони евра; ДДВ дотациите со ребалансот се планираат на близу 68,4 милиони евра, откако ќе се минусираат 2,4 милиони евра.
Буџетот го полнат придонеси, даноци, акцизи, царини… Новата владина гарнитура смета дека кај вкупниот износ можат да се инкасираат 130,5 милиони евра повеќе. Од даночните приходи и придонесите треба да се добијат плус 84,5 милиони евра, при што вториве треба да обезбедат дополнителни 68,9 милиони евра. Оптимизмот се заснова на најавените можности кои ќе креираат нови работни места. Повеќе на Пари.мк.





