„Фол“: Артан Груби и Перпарим Бајрами ќе бидат уапсени и им следат кривични постапки, поради многуте злоупотреби со Лотаријата!

„Артан Груби, поранешен прв потпретседател на Владата, и Перпарим Бајрами, поранешен директор на Лотарија, кој беше под целосна контрола на Груби, неофицијално, се очекува да бидат уапсени и против нив да бидат покренати кривични постапки за многубројните злоупотреби, што ги направиле со Лотаријата!“ – објави информативниот портал на албански јазик „Фол“.

„Фол“ натаму пишува: Покрај овие двајца поранешни функционери од редовите на ДУИ, истражните органи се очекува да поведат постапка и против поранешниот директор на Јавното претпријатие „Државни патишта“ Ејуп Рустеми, како и против поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. Против нив новата влада веќе собра голем број факти за злоупотреба на пари од јавни фондови и за злоупотреба на тендери. Бектеши е осомничен дека давал сомнителни концесии на луѓе и фирми блиски до ДУИ

Дека на ДУИ ѝ треба добра правна одбрана предупреди денеска и претседателот на Алијансата за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари како дел од коалицијата Вреди во Владата.

„ДУИ реагираше, жалејќи се зошто е отстранета функцијата економски директор во Министерството за здравство. Тоа беше сосема непотребна позиција, со која ДУИ ги ‘честеше’ своите луѓе. ДУИ ѝ забележа на Владата зошто ги штеди парите на граѓаните и зошто ги раскинува коруптивните врски, градени од ДУИ. На оваа партија и требаат две работи: 1. Добар адвокатски тим да ја брани од обвиненијата, што се подготвуваат и 2. Да сфати дека барем сега, кога е во опозиција, мора да го смени коруптивниот менталитет.“ – напиша Таравари во објава на општествените мрежи.