„ЈПДП“, „ЈСП“, „Железници“ и „ЕСМ“ ја ограбиле државата, алармира министерката за финансии 

Со ребалансот на буџетот новата Влада обезбеди 5,1 милијарда денари за сервисирање на кредитни обврски кон меѓународни финансиски институции во име на државни и јавни претпријатија. Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска вели дека ребалансот покажал дека претходната Влада не преземала ништо за да го сопре грабежот во јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост.



  • ЈПДП, ЈСП, Железници, ЕСМ не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции, а согласно Закон, Министерството за финансии има обврска да ги враќа средствата. Последиците од крајното расипничко работење во овие претпријатија повторно паѓа на товар на граѓаните. Како  да е, за истото треба да има одговорност“, рече денес министерката Димитриевска-Кочоска.

На ЕСМ министерката извести дека во август му достасува еден дел од гаранција, која ќе ја плати Министерството за финансии, но за понатака ги задолжиле да си плаќаат сами. Други трансфери од буџетот за ЕСМ нема да има.

Повеќе од половина милијарда евра фалат во буџетот. Шокантно тврдење на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, според која, претходната Влада речиси ги потрошила сите пари за годинава, а планирала само до јуни. Како да знаеле дека ќе си заминат од власт, вели Кочоска на денешната прес конференција, на која, објаснувајќи го  ребаланбсот на буџетот кој новата Влада го прави, рече дека лошата состојба ги надминала и нивните очекувања.

Со ребалансот, Буџетот има рекордна приходна страна, но се зголемува и буџетскиот дефицит од 585 на 720 милиони евра. Министерката објасни дека ова се должи на тоа што претходната Влада пензијата од последниот месец лани, ја евидентирала во првиот месец оваа година. Со тоа лани покажала помал буџетски дефицит, на сметка на годишениот, кој поради ова, бележи зголемување.