Во првата половина од 2024 година, фокусот во работењето на Стопанска банка а.д. Битола беше ставен на остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Банката за 2024 – 2026 година, приспособувајќи го своето работење на промените во домашните економски услови, модерните банкарски текови и глобалните пазарни случувања.
Финансиски перформанси на Банката
Стопанска Банка а.д. Битола оствари добивка од 51,01 милион денари во првото полугодие на 2024 година, што е значајно подобрување во однос на првото полугодие од 2023 година, кога работеше со загуба од 53,69 милиони денари. Позитивниот финансиски резултат се должи на задржаниот висок оперативен резултат (од 75,92 милиони денари), засилената наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година.
Нето-приходите од камата во периодот 1.1.2024 – 30.6.2024 година се повисоки за 17,99 милиони денари, или за 8,21% во однос на истиот период од претходната година. Приходите од камати се повисоки за 31,61 милион денари, односно за 11,19%. Преструктурирањето на активата на Банката кон ликвидна актива се одвиваше во услови на поволни каматни стапки на пласманите на Банката во инструменти на монетарната политика, државата и странските банки. Од друга страна, трендот на засилено штедење на населението во Банката, којшто започна во 2023 година, се одрази врз растот на расходите по камати, кои во првото полугодие на 2024 година се зголемија за 13,62 милиони денари, односно за 21,55% во однос на истиот период од претходната година.
Нето-приходите од провизии и надомести се пониски за 8,88 милиони денари, односно 13,42% споредено со првата половина од претходната година што се должи на зголемените тарифи на добавувачите на услуги на Банката. Нето-курсните разлики не бележат значајни промени на годишна основа.
По спроведување на процесот на дорезервации на портфолиото на Банката, кој започна претходната 2023 година, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа во периодот 1.1.2024 – 30.6.2024 година е значително пониска споредено со истиот период од 2023 година, и тоа за 62,00%.
Трошоците за вработени се одржуваат на оптимално ниво, без поголеми промени на годишна основа. Активностите за оптимизација на трошоците резултираа со намалување на останатите расходи од дејноста за 16,37 милиони денари, односно 15,82% споредено со првата половина од 2023 година.
Ваквиот начин на управување со билансот ја зајакна капиталната и ликвидносната позиција на Банката. Стапката на адекватност на капиталот заклучно со 30.6.2024 година изнесува 24,57%, додека учеството на ликвидната актива во вкупната актива достигна 43,42% и истите се значајно над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор.
Очекувања за претстојниот период
Во согласност со Деловната политика, развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде насочена кон прудентно, стабилно и профитабилно оперативно работење со фокус на јакнење на депозитниот потенцијал и кредитната активност, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и контрола на трошоците, понатамошно подобрување на вкупната актива преку засилено преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити и продажба на преземен имот. Воедно, Банката ќе настојува да ја одржи динамиката на раст на приходните позиции во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде предуслови за профитабилно работење во согласност со планираните цели.





