Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов во видео изјава Ангелов информира дека утрово имал брифинг со пилотите на хеликоптерите кои полетуваат за да ги изгаснат пожарите ширум земјава.



Нешто подоцна, како што рече, ќе полетаат и сите „ер трактори“, три на Дирекцијата за заштита и спасување – ДЗС и два турски „ер трактори“, заедно со хрватскиот канадер кон планината Серта, на територија на општина Штип, зад селото Драгоево.

„ Ќе се обидеме денеска да воспоставиме контрола врз големиот пожар, кој повеќе денови гори на планината Серта. На сите места каде ќе дејствуваат воздухопловите на земја имаме противпожарни единици на кои во овој момент им се приклучуваат 100 војници од Армијата, како и 30-тина припадници на полицијата. Во 8:30 часот на аеродромот Петровец ќе слета авионот од Романија „Херкулес“, кој носи т.н. водни бомби од повеќе од пет тона. Заедно со него ќе слета уште еден авион, кој му служи како логостика“, рече Ангелов.

Тој нагласи дека на територија на државава имаме уште неколку, како што рече, сериозни и опасни пожари кои најверојатно ќе бараат воздушна поддршка. Тоа се пожарите на територија на општините Чашка, Долнени, Студеничани, Зелениково, пожар има и под врвот на Солунска глава, како и пожарот до Радовиш, за кој изрази надеж дека денеска ќе биде ставен под контрола.

Од ЦУК информираат дека во последното деноноќие имало вкупно 36 пожари на отворено, од кои утрово активни се 18.

Повеќе пожари сѐ уште се активни на територија на државава од кои најзагрижувачки е пожарот на планината Серта. Државата веќе четири дена е во кризна состојба, а воведена е и целосна забрана за движење во шумите од 6 до 20 часот. Во гаснењето вклучени се и воздухоплови од Турција, Србија, Хрватска, Црна Гора, а вчера и Европската комисија донесе одлука да мобилизира помош за Македонија и Бугарија за гаснење на шумските пожари.

Пожарот на планината Серта сѐ гаснеше од земја и од воздух, но вчера попладне интервенцијата од воздух беше прекината поради густиот чад.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов изјави дека воспоставувањето на контрола врз пожарот на планината Серта е исклучително тешко, гори покрај самиот пат, силите се исцрпени на повеќе места, а ефектот од леталата бил добар, но има многу огнени точки. Дополнителен проблем е и кај стрелиштето Криволак.

– Таму се слушаат експлозии, истрели од неиспукани гранати, куршуми и други неексплодирани експлозивни средства од гаѓањата што ги работела армијата во минатиот период. Така што, местото на планината Серта кон самиот полигон Криволак, не е безбедно за дејство од воздух, но не е безбедно ниту за дејство од земја. А безбедноста на луѓето што гаснат е на прво место. Ќе се обидеме со формирање на противпожарни пресеки, онаму каде што тоа го дозволува теренот. Со трактори, булдожери да се изора, да не може огнот да префрли преку нив#, изјави Ангелов.