„Не дозволуваме никој да зема плата и да не оди на работа.“- изјави Билал Касами, лидерот на Беса, членка на коалицијата Вреди, во врска со третманот и судбината на вработените во министерството, кое беше раководено од Артан Груби. Ова го објави ТВ 21.
ТВ 21 пишува: Запрашан за систематизацијата на вработените во поранешното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кое го водеше Артан Груби, Билал Касами од Вреди рече дека во тоа министерство имало фиктивни вработувања. Касами рече дека во новото министерство, поточно Министерството за односи меѓу заедниците, кое сега го води Иван Стоилковиќ, нема да дозволат некој да зема плата и да не оди на работа.
„Знаеме дека таму имаше манипулации. Знаеме дека имало фиктивни вработени, кои земале плати и не оделе на работа. Знаеме и дека Владата донесе одлука сите овие вработени од Министерството, претходно Секретаријатот, да се префрлат во институции. Дел од нив се префрлени, дел се уште не се префрлени, тоа што го имавме како пристап во Општина Тетово ќе го имаме и во централната власт. Не дозволуваме и нема да толерираме некој да зема плата и да не оди на работа. Секој што ќе биде систематизиран во институција ќе биде префрлен во таа институција, ќе се создадат услови да оди на работа. Тие што нема да одат на работа, се разбира според законот, ако не се појават на работното место, ќе мора да си одат дома.“ – изјави Билал Касами.





