„Да беше Зоран Заев на самитот на НАТО во Вашингтон во еден момент ќе му го зграпчеше пенкалото и на Столтенберг да го бакне како Тибетанците, што го бакнуваат секој предмет, кој го допрел далај-ламата. Но, ние веќе завршивме со бацувањето пенкала. Можеби и ќе потпишеше некој договор, од кој државата и Македонците ќе се спасуваа како давеници. Мицкоски и нашата делегација покажаа исклучително достоинство и конструктивност за Македонија.“ – вели проф. д-р Солза Грчева, претседателка на партијата „Глас за Македонија“, во својата колумна со наслов „Завршивме со бацување пенкала“, која ја објави весникот „Нова Македонија“
По самитот на НАТО во Вашингтон тргнаа опозициските мегафони да ја омаловажуваат улогата на нашата делегација, а најотровните стрели се исфрлија кон премиерот Мицкоски. Папагалски се повторуваат неколку тези. Тој бил изолиран, не остварил важни средби, а кредитот од Унгарија бил неповолен. Демек, сѐ што направила старата влада, овие сега ѝ бришат, ѝ поништуваат. А направиле само зло. Од многу добрини, народот нив ги изолираше за долго.
Но, во нешто имаат право. Има разлика. Ако би го замислиле однесувањето на нивниот претходен лидер Заев, овој сигурно би ползел по подот, би им се обвивал околу нозете како бршлен, би им се поклонувал на сите од ред со рачето на мешето, би пелтечел на симпатичен есперанто, кој никој не го разбира, а секако во еден момент би го зграбил пенкалото на Столтенберг да го бакне како Тибетанците што го бакнуваат секој предмет што го допрел далај-лама. Не дај боже, можеби и ќе потпишеше некој договор од кој сите ќе збесневме, а државата и Македонците ќе се спасуваа како давеници. Тој немаше да биде изолиран, поточно самиот така ќе мислеше, ама ние дебело ќе ја платевме неговата селска дружељубивост, како што ја плаќаме секојдневно.
Мене ми е интересен овој феномен на СДС да ја омаловажува тукушто избраната влада со најголем легитимитет. СДС ги изгуби срамно изборите и како ништо да не правеле за да ја пеплосаат државата, сега, без никаква размисла и самокритика, тргнуваат во крстоносна војна. А војната им е изгубена однапред. Веројатно играат на картата на кусо помнење на народот, па мислат дека сѐ сме заборавиле и сме им простиле. Тука се лажат. Таква погубна влада Македонија немала, и тоа на секое поле. Се однесуваат во стилот „ајде сега да ве видиме, каде ви се ветувањата?“, како да може некој одеднаш да го смете целото ѓубре што го оставија зад себе. Она што ме мачи како прашање е: дали ќе одговараат?
Да го видиме однесувањето на Мицкоски и на нашата делегација. Нашите покажаа исклучително достоинство и конструктивност за Македонија. Мицкоски, покрај другите билатерални состаноци на маргините на самитот, оствари клучна средба со техничкиот премиер на Бугарија, Главчев, кој за првпат Македонците ги нарече со правото име „народ“. Колку и да звучи ова нормално, бидејќи сите знаеме што сме, ги знаеме позициите на Бугарија кога со неа преговараа СДС/ДУИ.
Значи вредело да се инсистира на реципроцитет во односите, да им се каже отворено дека уцените отсега нема да се начин на комуникација меѓу две држави, што мислат да бидат пријателски. Ова е секако чекор напред, кој не знаеме дали пошироко ќе биде прифатен во соседната земја. Но, чекорот е неспорен и e резултат на нашиот нов став.
Понатаму, се сретна со делегација на Унгарија, поточно лично со премиерот Виктор Орбан. Орбан, кого ЕУ го третира како „црна овца“, па дури и се подготвува на Унгарија да ѝ го одземе претседателството со ЕС. Но истиот тој Орбан, можеби единствениот суверенист во ЕУ што гледа како да ја подигне својата држава, излезе голем играч. Тој зборува за мир, а не за војна. Замислете колку е „омилен“ среде вжештените глави, што повикуваат на нови, европски воени сојузи. Орбан секако го читал Орвел штом не ја прифаќа тезата дека „војната е мир, слободата е ропство, а незнаењето е сила“.
Неговата улога допрва ќе расте. Ете со тој и таков човек седна нашиот Мицкоски, а не со премиер на некоја политички неважна држава, и договори поволен кредит од 500 милиони евра, од кои половината ќе бидат капитални инвестиции. Нагласувам поволен, бидејќи разговарав со двајца врвни економисти. Што донесе СДС за да има право сега да прашува „каде е ветената милијарда?“ Нека се стрпат, ќе ја видат.
Оваа средба не е важна само поради кредитот, туку покажува дека и ние чекориме по патот на суверенитетот, кој го заложивме во продавница за стари работи, без потреба и интерес. Голема храброст е да се седне со „непослушниот“, а силен Орбан, токму во оваа ситуација. Заев, или Ковачевски, сеедно, ќе му бегаа од сенката, ќе гледаа случајно да не ги фати некоја камера, ќе умираа од страв да не им се налепи етикета дека го поддржуваат „авторитарниот“ премиер на Унгарија, кого ЕУ гледа како да го заобиколи. Има разлика, нели? Мицкоски знае дека народот бара суверени одлуки во негова полза. На овој сиромашен народ му е стемнето од седумгодишното играње на една карта. Бара да живее добро и ова го цени.
Друга погана теза на незрелата опозиција е дека Мицотакис го заобиколувал Мицкоски во голем лак. Ова го пишуваа и посакуваа и пред самитот. Триеја раце и се радуваа како дечиња, што ќе била Македонија игнорирана од светската сила Грција. Не знам кој кого заобиколувал. Но, за мене наводното „заобиколување“ на Мицотакис е добар знак за нас. Ветата со кои се закануваше Мицотакис вредат колку на кванташки пазар. Не ги дава Грција, туку оние што сѐ уште не ја гледаат Македонија во ЕУ.
Никому не му давам бланко-чек за претпоставен успех. Ниту на оваа влада. Но, ако по утрото денот се познава, разликите се големи и очигледни во полза на новата власт. Завршивме со коленичење, се надевам исто така и со корупција, и влегуваме во обнова на разорената и опустошена земја. Се расчистува во здравството, образованието, инфраструктурата, влегуваме но нов инвестициски бран, а достоинството на нацијата полека се враќа. Ништо нема прекуноќ, но сигналите можат да се исчитаат. За злонамерните, ова секако е невидливо. Но, попрво би рекла, недостижно.





