Негирањето на македонскиот народ и јазик со „Пиринската“ Резолуција на БРП(к) од 12-13.7.1948 – основа и за „Бугарскиот договор“

„Политиката на Бугарија во периодот 1944-1948 година околу македонското национално прашање и поконкретно националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија ce засновувала и се сообразила со објективната историска стварност за постоењето на македонската нација и на македонското национално малцинство во рамките на бугарската држава. Но, со Резолуцијата на Централниот комитет на Бугарската работничка партија (комунисти) во врска со ситуацијата во Пиринскиот крај, донесена на Пленумот на оваа партија, кој бил одржан на 12-13 јули 1948 година, практично националните права на Македонците во Пиринскиот крај започнуваат да се суспендираат, а со време и целосно се укинаа.“ – ова се наведува во докторската дисертација под наслов „Пиринскиот дел на Македонија меѓу 1949 и 1968 година“ (стр.30-39), на починатиот историчар Васил Јотевски која ја одбранил во 1997 година во Филозофскиот факултет при Универзитетоt “Кирил и Методиј“ од Скопје. Како експерт за македонското прашање и Пиринска Македонија, Васил Јотевски станал своевремено и научен соработник во Институтот за национална историја. Навршувањето на 76-те години од усвојувањето на овој официјален бугарски документ е соодветна пригода да се поврзат промените на позициите на бугарската држава и тогашната партија од тој период кон „македонското прашање“ и правата на Македонците во Пиринскиот крај со денешниот „Бугарски договор“ и „Преговарачката рамка“ за ЕУ. „Пиринската резолуција“ на БРП (к) во своите основи ги имаат истите тези, со кои целосно се негира постоењето на македонскиот народ не само во Пиринска Македонија, туку и воопшто, со неговиот засебен македонски јазик и автентична македонска историја.



Поткрепувајќи ги своите констатации и заклучоци врз огромен број документи и научни аргументи, во својата докторска дисертација Васил Јотевски има напишано: Бугарската власт брзо и лесно ce сврте против сопствените довчерашни принципи, закони, владини уредби, укази, решенија, одлуки и други државни акти, што претставуваа признати историски придобивки на македонскиот народ, особено на полето на афирмацијата на националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија. Бугарија презеде ригорозни мерки против сопствените граѓани-државјани, по националност Македонци. Практично националните права на Македонците во Пиринскиот крај започнуваат да се суспендираат, а со време и целосно се укинати.

Во точка 3 на Резолуцијата во врска со ситуацијата во Пиринскиот крај од 16-тиот Пленум на Бугарската работничка партија (комунисти) се вели: „Да не ce дозволи во иднина никакво нарушување на суверенитетот на бугарската држава во Пиринскиот крај, да ce запре секакво бесконтролирано преминување на границата од Народна Република Македонија во Пиринскиот крај и обратно. Да ce стави крај на непријателската агитација на разните емисари (учители, книжари и др.) и да ce отфрли практиката за принудно изучување на официјалниот македонски јазик…“. Со овој став ЦК на БРП (к) директно и недвосмислено удрил врз македонската национална самобитност и ги укинал своите дотогашни одлуки, но и не само свои, туку и одлуките на Великото народно собрание, на бугарската Влада и нејзините министерства.

Натаму, во точка 4 од споменатата Резолуција ЦК на БРП (к) истакнува: „Да ce продолжи со ненамалена енергичност политиката на културна автономија за македонското население во Пиринскиот крај преку изучување во училиштата на историјата на македонското ослободително движење и популаризирање на неговите дејци, да ce создаваат македонски аматерски уметнички колективи и сл., да ce воведе факултативно изучување на македонскиот литературен јазиќ во училиштата, кое да ce врши од месни македонски учители…“

Со оваа точка ce направил обид да ce замагли решеноста на највисокиот орган на бугарската партија да се забрани cè, што е национално македонско во Пиринскиот крај. Ce сакало привидно да ce мисли дека ce вршат обиди да ce воведе некаква културна автономија, но без јазик, без македонска национална историја, без историја на македонската држава, туку само „историја на македонското ослободително движење“. Наместо да има редовно и задолжително изучување на македонскиот литературен јазик во основните и средните училишта, како што барале Македонците од Пиринскиот крај, сега се споменувало само „факултативно изучување на македонскиот литературен јазик“, што значи незадолжително, и др.

Во точката шест од Резолуцијата на ЦК на БРП (к) од Пленумот од 12-13 јули 1948 година била изнесена најнесфатливата и најнеприфатлива констатација и барање: „Да му ce остави на населението во Пиринскиот крај самото слободно да ja определува својата националност“.  Ваквиот став не можеше никого да заблуди и да не биде сфатена вистината за оживеаниот бугарски шовинизам во врска со македонското национално прашање.

Наспроти договорот за тригодишна работа на наставниците по македонска национална историја и македонскиот литературен јазик од HP Македонија, кои работеле во Пиринскиот крај, тие веднаш и на најгруб начин биле протерани. Наспроти заложбите, што ги правела Пиринската младина за воведување целокупна настава на македонски литературен јазик и наместо учење историја на македонскиот народ било воведено факултативно, незадолжително учење на македонскиот јазик и факултативно, незадолжително проучување на историјата на македонското национално ослободително и револуционерно движење.

Наспроти тешкиот и трнлив пат, што го изминаа Македонците од Пиринскиот дел на Македонија и оживотворувањето и националната афирмација од 1944 до 1947, односно 1948 година, новите заклучоци и решенија во Резолуцијата на 16-тиот Пленум на ЦК на БРП (к) во врска со ситуацијата во Пиринскиот крај претставуваа негирање на постоењето на македонската национална самобитност на населението во Пиринскиот дел на Македонија. Новите ставови на ЦК на БРП(к)се спроведоа молскавично брзо.

Резолуцијата на Централниот комитет на Бугарската работничка партија (комунисти) во врска со ситуацијата во Пиринскиот крај претставуваше и директно отфрлање и поништување на Бледскиот договор, односно Договорот за меѓусебните односи, кој го склучија Федеративна Народна Република Југославија и Народна Република Бугарија на 1 август 1947 година во Блед, во Словенија. Според својот Устав, ФНР Југославија ја застапуваше и Македонија како и останатите нејзини републики во надворешните работи. Со Бледскиот Договор Бугарија призна дека била окупатор во Македонија.

Со тој меѓународен документ официјална Софија официјално го призна постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик и се согласи на етничка и културна автономија на Македонците во Бугарија, во Пиринскиот дел од Македонија. Софија се согласи и на територијално обединување на Пиринскиот со Вардарскиот дел од Македонија, односно со Република Македонија како држава во југословенската федерација, но во рамки на една така наречена „јужнословенска федерација“. Истовремено Бугарија овозможи учење на македонскиот јазик во училиштата, дозволи отворање библиотеки и книжарници со литература на македонски јазик, дозволи отворање македонски театри во Пиринскиот дел од Македонија. Со Бледскиот договор Софија ја призна македонската државност, македонскиот народ и македонскиот јазик како службен јазик во државата Македонија.

Преку ФНР Југославија и Македонија беше една од 50-те држави-основачи на Организацијата на Обединетите Нации на 24 октомври 1945 година. Софија со Бледскиот договор го прифати фактот за државноста на Македонија во Обединетите Нации. Навистина, Бугарија сево ова го прифати само поради тоа што се стремеше да го умали, да го „амортизира“ фактот дека учествуваше во фашистичкиот сојуз со Германија од Втората светска Војна.

Преземено од: докторска дисертација на Васил Јотевски (1997) „Пиринскиот дел на Македонија меѓу 1949 и 1968 година“ и статија „Со Бледскиот договор од 1947 година Бугарија ги призна македонскиот јазик и македонскиот народ!“