Фуриозен старт на 14. Европско првенство во Словенија за машката ракометна репрезентација на Македонија до 20 години, која ја декласира Црна Гора со 31:21 во Целје.
Разликата во класи во полза на деветтата селекција од минатогодишното Светско првенство во Хрватска дојде до израз уште во првото полувреме, кое „црвено-жолтите“ го добија со 12:5!
Десниот бек Димитар Узунчев беше прво име во македонскиот напад со 8 гола од 11 удари, што му го донесе признанието од Европската ракометна федерација (ЕХФ) за играч на натпреварот.
Левото крило Дамјан Субашевски беше прецизен во 5 од 7 обиди, а средниот бек Мирче Калајџиески погоди 5 пати од 8 упатени удари кон црногорскиот гол.
Во второто коло од групата A утре од 12 часот во салата „Златорог“ избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ ќе ги одмерат силите со Хрватска, која беше неприојатно изненадена од Австрија, од која загуби со 27:23.






