„Да де, во отсечениот краен Исток нема потреба ниту од судови. Да ги укинеме. Досетливо, нема што. Таму не живеат луѓе, не се плаќаат даноци, таму нема криминал и нема спорови.“ – реагира преку фејсбук Драган Ковачки, пратеник во Собранието на Република Македонија и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, по објавувањето на предлогот на Сашко Георгиев, член на Судскиот совет, дека е „крајно време да се преиспита судската мрежа во државата, а судовите во помалите градови да се укинат и да се претворат во судски одделенија на други поголеми судови“. Георгиев ова го предложи на седницата на Судскиот совет, одржана на 8 јули 2024 година, откако беше констатирано дека на огласот за избор на претседатели на основните судови во Крушево, Берово и во Делчево не се пријавил ниту еден судија!
Реагирајќи негативно околу ставот дека треба да се укинат основните судови во споменатите помали и други градови во Македонија, во својата објава на фејсбук Драган Ковачки натаму истакнува: Значи ќе патуваат граѓаните од Берово и Делчево до Кочани или Штип за судења и тоа по преубавите патишта, на кои постојано има одрони и со автобуси, што и не сообраќаат. Кај ви текнуваат вакви блескави идеи?
Треба да се запраша Судскиот совет зошто им е опадната довербата само на 1-2 проценти и да се загрижи за корупцијата и синџирите на организираниот криминал, во кои се директно вмешани судии, а не да ни теоретизираат и да измислуваат влажна вода.





