„Меѓу 8 и 21 јули 1936 година во Софија против раководителите и членовите на ВМРО (обединета) се одвивало судење врз основа на обвинение дека се залагале за насилна промена на власта, за одделување на Пиринска Македонија кон нова независна држава во Балканот, како и поради цврстиот став на дејците на ВМРО (обединета) дека Македонците не се дел од бугарскиот народ, туку одделна нација.“ – се нагласува во статијата со наслов „Првиот судски процес против пројавувањето македонска национална свест“, која ја објави весникот „Нова Македонија“ на 14 јули 2023 година.
Покрај другото, во статијата пишува: Забраната и судските процеси против организации, што пројавуваат македонска национална свест не се новина во бугарското општество. Тоа го покажуваат историските документи и сведоштва. Во периодот меѓу 8 и 21 јули 1936 година во Софија се одвивал судскиот процес против раководителите и членовите на ВМРО (обединета), врз основа на обвинение дека се залагале за насилна промена на власта, но и поради нивниот цврст став дека Македонците не се дел од бугарскиот народ, туку одделна нација. Ова е првиот судски процес во Бугарија, поради искажување македонска национална свест. Обвинетите во текот на судењето се изјасниле како Македонци и ја претставиле ВМРО (обединета) како македонска национална и ослободителна организација.
По потпишувањето на Мајскиот манифест и убиството на Тодор Александров во 1924 година новоформираната ВМРО (обединета) ја прифатила идејата за автономија, независност и обединување на Македонија во рамките на балканска федерација. ВМРО (обединета) започнала со отворено афирмирање на македонските национални особености.
Суштинските принципи на ВМРО (обединета) ги објаснува и Христо Калајџиев, еден од обвинетите во судскиот процес, во статијата објавена во „Македонска мисла“, списание на Македонскиот научен институт, во која вели: „Македонската нација е еден факт… Има луѓе што упорно ја одрекуваат. Тоа се великобугари, великосрби, великогрци и оние Македонци, воспитани од нив, кои беа привлечени од нивната идеологија и станаа поголеми папи од папата, поголеми Турци и од Турците… …Тоа се истите оние кога во Бугарија се проговори за неопходноста од македонското сознание… при изградбата на македонското дело, закрекаа хистерично дека тоа е најголемата ерес… Тоа се истите оние, кои што го развеаја знамето за самостојна Македонија, а во решителниот момент ја предадоа во шепите на великобугаризмот.“
Бугарската полиција тврдела дека ВМРО (обединета) е група, што се стреми кон одделување делови од територијата на Царството Бугарија, односно одделување на Пиринска Македонија кон нова независна држава во централниот дел на Балканот. Во официјалниот полициски извештај е посочено дека, според идеологијата на ВМРО (обединета), Македонците не се Бугари туку се одделна и самостојна нација. Вкупно биле обвинети 19 лица, а на четворица им се судело во отсуство, односно на Димитар Влахов, Методија Шаторов-Шарло, Васил Ивановски и Владимир Поп Томов. Од оние 15 што биле во судницата само еден бил роден во Бугарија, девет се изјасниле како Македонци, а пет како Бугари. Меѓу обвинетите биле и Асен Чаракчиев, Христо Калајџиев, Александар Мартулков, Мара Димитрова Петрова, Јордан Анастасов и др.
Судењето официјално започнало на 8 јули 1936 година и се одвивало во судница во Судската палата во Софија. Обвинетите ангажирале неколку адвокати, а еден од нив бил и Никола Манолев. Сите обвинети се декларирале како невини, го бранеле македонскиот народно-ослободителен карактер на ВМРО (обединета) и врските со Бугарската комунистичка партија (БКП) ги прикажале како тактички. Во текот на судењето обвинетиот Асен Чаракчиев ја претставил идеологијата на ВМРО (обединета) и јавно го искажал ставот за неопходноста за одвојување на Пиринска Македонија од Бугарија и постоењето македонска нација.
Сведоци на одбраната биле познати македонски емигранти, приврзаници на убиениот Александар Протогеров, како што се Петар Шанданов и поранешни членови на ВМРО (обединета) меѓу кои биле и Ѓорѓи Занков, Павел Шатев, Димитар Сматракалев, Наум Терзијанов. Сведоците ги поддржале исказите на обвинетите и ги отфрлиле обвиненијата против нив, а Петар Шанданов се обидел да ја намали тежината на обвиненијата и говорел за македонското прашање.
Врз основа на истрагата и доказите бугарскиот суд ја окарактеризирал ВМРО (обединета) како организација, што има цел преку насилни методи да го промени државното уредување и да му наштети на територијалниот интегритет на Бугарија. На 21 јули Димитар Влахов и Владимир Поп Томов биле осудени во отсуство на 12 и пол години затвор, а другите на пет години затвор и парична казна од 50 илјади лева.
ВМРО (обединета) е македонска револуционерна организација што се стремела да прерасне во масовно народно движење за извојување слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски и економски граници и нејзино конституирање во самостојна политичка единица, што ќе влезе како рамноправен член на идната балканска федерација. Нејзини најистакнати дејци биле: Панко Брашнаров, Димитар Влахов, Симеон Кавракиров, Владимир Поп Томов, Андреја Чипов, Методија Шаторов-Шарло и др.





