Дали навистина „самиот се лизнал и пушката сама пукнала“, па така во „несреќен случај“ на 3 февруари 1977 година го загубил животот народниот херој на Македонија, генерал-полковникот на тогашната ЈНА Васко Карангелевски, како што е наведено во официјалното објаснување? Македонските историчари, но и надлежните институции на македонската држава се должни конечно да ја расветлат оваа мистерија, односно да се произнесат околу сомнежите, кои се проширија и кои траат еве веќе 48 години: дали споменатиот ден за време на лов на терените на планината Караџица кај Македонски Брод генералот Карангелевски бил убиен од безбедносните служби на тогашна СФРЈ, поради „македонски национализам“, затоа што барал во Територијалната одбрана на Македонија да службуваат само Македонци? Како можело да се случи пушката „сама да му пукне“ и така да настрада искусниот борец во војната, чие оружје во неговите раце, без да му затреперат, непогрешливо „говореше“ против непријателот во името на слободата на македонскиот народ и за создавањето на македонската држава? Премногу е долга оваа низа на македонски херои и дејци за македонската кауза, ликвидирани во различни временски периоди особено во последниве 150 години, па да се дозволи да остане неразјаснет „несреќниот случај“ со македонскиот комунист, партизански командант-првоборец и генерал-полковник на ЈНА Васко Карангелески.
Тој е роден во битолското село Брусник на 7 јули 1921 година, во печалбарско семејство. Мајка му работела по туѓи ниви, а тој уште како млад бил земјоделски работник и чувал туѓ добиток. По бомбардирањето на Белград во 1941 година Васко се вклучил кон новоформираната младинска група во селото. На почетокот во 1941 година, Васко се приклучил на новоформираната младинска група во селото. Истата година стана и член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ). По априлската војна во 1941 година и окупацијата на кралска Југославија, во селото Брусник се активирало антифашистичкото движење и Васко активно учествувал и собирање на тружје, муниција и опрема за формирање партизански одреди.
По формирањето на првите партизански одреди во битолскиот регион Васко заминал во партизани. Во првата половина на 1943 година бил поставен како командир на вод во Одредот и станал член на Комунистичката партија на Македонија (КПМ). Истакнувајќи се со своите активности, Васко бил назначен како командир на чета на Битолско-преспанскиот одред „Гоце Делчев“, формиран во мај 1943 година од борците на Битолско-преспанскиот одред „Даме Груев“ и новопристигнати борци. Заедно со одредот Васко се движел по планините Баба и Неретска Планина. Набрзо станал и командант на батаљонот „Стив Наумов“, формиран во ноември 1943 година во реонот на Лерин од борците на одредите на Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“ и „Даме Груев“. Во зимата 1943 година со батаљонот учествувал во акциите од Егејска Македонија до Козјак.
Во февруари 1944 година батаљонот влегол во состав на Третата македонска ударна бригада, а Васко како командант на батањонот постигнал голем успех во борбите за време на пролетната офанзива во 1944 година кај Ново Село, Ристовац, Крива Река, Лисец, Плачковица и на планината Огражден. По завршување на пролетната офанзива со тек на времето биле формирани Четвртата, потоа Петата, па Седмата македонска бригада и 49-та македонска дивизија на Народноослободителната војска на Југославија (НОВЈ). Васко бил командант на баталјон, заменик на командант на бригада, командант на бригада и командант на дивизија. Ослободувањето на земјата го затекнало на должност командант на 49-та македонска дивизија на НОВЈ.
По ослободувањето дипломирал на Воената академија „Ворошилов“ во СССР, на Вишата воена академија и на Курсот за оператика на ЈНА. Бил командант на дивизија, началник на штаб на корпус и на подрачје, началник на штаб на армиска област и командант на армија. Бил член на ЦК на КПЈ. Како народен херој бил прогласен на 29 ноември 1953 година. Сè до неговата трагична смрт Васко бил командант на Скопската воена област со чин генерал-полковник. Во негова чест се наречени една улица во Општина Битола и една во Општина Аеродром.
Извори: „Македонска нација“ и Википедија.





