Мнозинството Грци нема да поддржат договор со Македонија без да биде променет идентитетот на мнозинскиот народ, порача грчки новинар во синоќешната дебата насловена „Македонија: Име, историја, НАТО“ во рамките на емисијата „Око“ на Радиотелевизија на Србија (РТС).
„Ако нема гаранција дека ќе го променат името на нацијата и на јазикот, тогаш не верувам дека мнозинството Грци тоа ќе го поддржат“, одговори Никос Пелпас, дописник од Белград на грчката државна телевизија ЕРТ на прашањето „дали Грците ќе прифатат што било што го содржи името Македонија“.
„Ако постои гаранција дека нема да се разговара за постоечкиот идентитет на македонската нација и на постоечкиот македонски јазик, мислам дека граѓаните на Македонија се подготвени во големо мнозинство да излезат и да гласаат за име со географска одредница, кое ќе биде преведено на англиски јазик“, изјави Митко Арнаудов, докторанд на белградскиот Факултет за политички науки и уредник за надворешна политика во месечникот „Српска економија“.
Во емисијата учествуваше и историчарот Драган Бакиќ, научен соработник на Балканолошки институт, според кој македонското национално чувство било флуидно пред 1944 година, за да доживее целосна еманципација во СФР Југославија.





