Разочарувачки податоци изнесе новиот министер за здравство Арбен Таравари за состојбите на клиниката на Онкологија каде има недостиг на кадри.



Итно вработување на нов кадар и разработување на онколошките центри низ државава за да не мора сите пациенти да доаѓаат во Скопје и со тоа да се растеретат гужвите, најави Таравари , кој истакна дека наскоро за овие проблеми ќе подготви извештај кој ќе го достави на седница на Влада.

„Следниот период јас се надевам дека како министер за здравство ќе инсистирам барем да се дозволат вработувања, да не ги преоптоваруваме вработените и така цела Македонија гравитира само тука.

Ни преостанува идната недела да имаме конкретни барања од Клиниката и потоа заедно со директорот да седнеме со министерката за финансии и да побараме, да вршиме притисок по секоја цена да дадеме приоритет на Онкологија за да може нормално да функционира.

Ваквото функционирање и за пациентите е тешко, меѓутоа, реално и за медицинскиот кадар е претешко“, вели Арбен Таравари.

На само два дена од неговото именување, новиот директор на Фондот за здравство Сашо Клековски најави дека ќе бидат обезбедени неопходните буџети за потребите на клиниките.

„Сега претстои ребаланс на буџетот на државата и ќе направиме максимален напор да ги обезбедиме неопходните буџети за лекување на и на Онкологија и на Хематологија и на другите болници каде што има усвоено буџети“, вели Сашо Клековски.

Клиниката за онкологија минатата година ја потресе скандал во кој високи раководни лица  биле вмешани во криминал во кој беше откриено дека имало преголема набавки на цитостатски терапии без тендер, за кој се сомневаше дека се препродавале.