За прв пат, член Демократската партија во Конгресот го повика Џо Бајден да се откаже од трката за уште еден мандат по несигурниот настап на актуелниот претседател на дебатата со Доналд Трамп минатата недела.



Тимот на Бајден тврди дека претседателот сè уште е способен за функцијата.

Конгресменот од Тексас, Лојд Догет, во вторникот рече дека Бајден мора „да ја донесе болната и тешка одлука да се повлече“.

„Мојата одлука да ги објавам овие силни резерви не беше лесно донесена, ниту на кој било начин ја намалува мојата почит кон сето она што го постигна претседателот Бајден“, рече Догет.

„Признавајќи дека, за разлика од Трамп, првата посветеност на претседателот Бајден отсекогаш била кон нашата земја, а не кон самиот себе, се надевам дека ќе ја донесе болната и тешка одлука да се повлече. Со почит го повикувам да го стори тоа.

Инаку, еден од тројца демократи мисли дека американскиот претседател Џо Бајден треба да ја прекине својата кандидатура за реизбор по минатонеделната дебата со републиканецот Доналд Трамп, но ниту еден истакнат демократ не поминува подобро во хипотетичка пресметка со Трамп, покажуваат резултатите од најновата анкета на Ројтерс-Ипсос.

Дводневната анкета покажа дека и Трамп (78) и Бајден (81) имаат поддршка од 40 отсто од регистрираните гласачи, што укажува дека Бајден не ги изгубил гласачите по дебатата.