Алармантен извештај: 40 отсто од високообразовните кадри си заминале од Македонија

Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска го објави конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност „Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“. Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Северна Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.



Целта на ревизијата, појаснуваат во соопштението од ДЗР, бил да се даде одговор на прашањето „Дали Владата на Република Северна Македонија ги испланирала, имплементирала и мониторирала мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020, на начин кој би можел да придонесе да се спречи одливот на високообразовани кадри?’’

Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да стекнеме разумно уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата, се наведува во извештајот.

Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7.861 лице. Податоците на ДЗС за образовната структура на лицата кои ја напуштиле државата покажуваат дека во периодот 2015-2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 високообразовани лица, прикажано по години во графиконот.

Како што стои во извештајот, согласно добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани коишто престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка. Оваа тенденција, се подвлекува во соопштението од ДЗР, искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовни кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и друштвото во целост

Одливот на високообразовани кадри, стои во соопштението од ДЗР, има сериозен ефект врз бруто домашниот производ (БДП), со проценети 0,8% од БДП на годишно ниво. Сепак, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок, вклучувајќи го изгубениот БДП кој не е генериран заради емиграцијата, се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку се додаде реално изгубената инвестиција во образование за овие кадри, што во просек изнесува 3,19 проценти од БДП годишно, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво.