Џудистот Шерифовски петти македонски учесник на ОИ во Париз

Еди Шерифовски ја зголеми на петмина репрезентацијата на Македонија за претстојните Олимписки игри што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.



„Македонскиот олимписки комитет беше информиран дека, со заедничка одлука на Меѓународниот олимписки комитет и Меѓународната џудо федерација, врз основа на постигнатите резултати и постоечките правила, најдобриот македонски џудист Еди Шерифовски (категорија до 81 кг) ќе учествува на Олимписките игри во Париз 2024.

Со ова продолжува трендот на континуирано учество на македонските џудисти и џудистки, имајќи предвид дека ова се трети олимписки игри по ред на кои учествуваат најдобрите македонски спортисти и спортистки во џудо. Претходно, Катерина Николовска во Рио 2016 и Арбреша Реџепи во Токио 2020 учествуваа на Олимписките игри, а сега и Еди Шерифовски.

Силно веруваме дека Еди ќе го соето најдобро во Париз и дека заедно со својот тренер Горан Мицковски ќе постигнат одличен резултат на претстојните Олимписки игри“, се вели во соопштението на МОК.

Покрај Шерифовски, Македонија во Париз ќе ја претставуваат и маратонецот Дарио Ивановски, борачот Владимир Егоров, таеквондистката Милијана Релиќ и стрелачката Анастасија Мојсовска.