„Македонската етничка заедница во Албанија нема тежина ни на едно албанско село во * Македонија: селото Отља, во Кумановско има 2538 жители-Албанци, а во цела Албанија има 2281 жители-Македонци.“ – пишува „аналитичарот“ од Македонија Ридван Исмаили во својата објава на општествените мрежи, која содржи сосема јасни елементи на етничко исмејување на Македонците, кои живеат во Албанија. Објавата на Ридван Исмаили ја пренесе информативната агенција на албански јазик Илирија ИНА.
Исмаили воопшто не обрна никакво внимание на експресната и целосно аргументирана реакција на Партијата на Македонците Mакедонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) како единствена партија, која ги застапува интересите на македонската заедница во Албанија, која изрази огорченост и не ги призна објавените резултати од извршениот попис во Албанија, нагласувајќи дека бројките за македонското малцинство се манипулирани и фалсификувани. Ова го изјави лидерот на партијата и пратеник во албанскиот Парламент Васил Стерјовски на 28 јуни 2024 година на прес-конференција во Корча.
Од име на партијата Стерјовски порача дека македонската заедница не може да биде странична штета на патот на Албанија кон европското членство, поткрепувајќи го тоа со заканите на Бугарија најпрво да се признае непостојното бугарско малцинство во Албанија, а потоа и со нереагирање на нивните предупредувања за заканите од бугарските власти кон Македонците за да се попишат како Бугари и условувањето со добивање пасоши.
„Факт е дека Бугарија го контролираше пописот во Албанија: во Бугарија за време на пописниот период во Албанија на општествените мрежи беа објавувани фотографии од обрасците како се изјаснувале жителите во Албанија. Овие податоци се заштитени со закон, но Бугарија имала пристап.“ – кажа Стерјовски.
Според македонската партија, во Општина Пустец, каде што притисокот на Бугарија е голем, од шест недели колку што траеше пописот, тој траел само три недели. „Во текот на овие три недели од поплаките, што ни пристигнаа, утврдивме дека попишувачите не посетиле многу домови и оти многу семејства, кои биле физички лоцирани во Општина Пустец и кои барале да бидат попишани, некои од попишувачите напишале дека не живеат тука. Иако од албанската статистичка институција ИНСТАТ ни беше ветено дека ќе бидат регистрирани сите жители на Општина Пустец, а пописниот рок во Пустец ќе биде продолжен за две недели, како што се случи во другите области во Албанија, тоа не се случи и многу жители не беа попишани.“ – нагласи Васил Стерјовски.
Партијата Mакедонска алијанса за европска интеграција МАЕИ во име на Македонците не само што „не ги признава фалсификуваните пописни податоци за македонското малцинство, туку бара и од државата и од меѓународните институции да го сторат истото, бидејќи овие фалсификувани резултати отворено излегуваат против уставниот поредок и европските аспирации на Албанија“.
„Затоа, бараме спроведување на нов попис, заснован на меѓународни стандарди и под меѓународен набљудување, за да се гарантира чесен и транспарентен процес кој ќе ја одразува етничката реалност на Албанија. До Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција ќе доставиме барање да поведе истрага не само за ИНСТАТ, туку и за сите индиции околу пописот.“ – најави Стерјовски. Тој за албанските медиуми ги наведе и низата нерегуларности во спроведувањето на оваа статистичка операција.
„Начинот на кој беше спроведен пописот минатата година и прибирањето податоци за етничката припадност се вршеше со бројни прекршувања во текот на процесот. Еден од проблемите, што ги имавме во периодот пред почетокот на пописот, како и за време на пописот, е притисокот од Бугарија македонското малцинство да се декларира како бугарско. Овој притисок дојде по признавањето од страна на Албанија во 2017 година на непостојно бугарско малцинство во нејзините граници по заканата на Бугарија дека ќе стави вето на европскиот пат. Според официјалните податоци од пописот, спроведени низ годините, како и пописот од 1989 година и последниот во 2011 година, ниту еден жител во Албанија не се изјаснил како Бугарин.“ – посочи Васил Стерјовски.
Тој обвини дека албанските институции не презеле никакви мерки, за да му гарантираат на македонското малцинство слободно и непристрасно изјаснување без надворешен притисок од Бугарија, туку отворено им помогнале на бугарските власти. „Пред почетокот на пописот, но и за време на пописот на подрачјето на Преспа, Гора и Голобрдо, каде што живее македонското малцинство, дојдоа претставници на бугарските институции, кои даваа разни помагала, но направија и пропаганда за жителите да се изјаснат како Бугари, за што ќе бидат обезбедени со бугарски пасоши. Луѓето од македонската заедница, кои се пријавиле за бугарски пасоши и се во процес на вадење пасош и пред почетокот на пописот и за време на пописот, биле контактирани од бугарската амбасада и посредниците за пасоши, за да се изјаснат како Бугари на пописот, со закана дека во спротивно нема да ги добијат пасошите. На терен, во областите каде што живеела македонската заедница, се водеше кампања да се изјаснат како Бугари, а откако ќе се изјаснат ќе имаат можност да добијат потврда од општините дека се изјасниле како Бугари и веднаш ќе добијат бугарски пасош.“ – се наведува во реакцијата.
Стерјовски укажа дека албанските граѓани имаат добиено бугарски пасоши и платиле илјадници евра за него, затоа што е европски пасош, а не затоа што се Бугари и со тој пасош можат да ги користат привилегиите на Европската Унија.
„Друг проблем, на кој наидовме за време на пописот, беа јавните закани од екстремистички групи од Бугарија, што беа нашироко емитувани во албанските медиуми, каде што им се закануваа на албанските граѓани кои имаат бугарски пасоши или аплицирале за бугарски пасоши да се изјаснат како Бугари, во спротивно ќе бидат уапсени, или не би биле обезбедени со бугарски пасоши. Иако побаравме од албанските институции на овие екстремистички групи да им биде забранет влез во Албанија за време на пописниот период, албанските власти не презедоа никакви мерки. Им беше дозволено на овие екстремистички групи од Бугарија за време на пописниот период да ги посетат областите каде што живее македонската заедница и да прават пропаганда и притисок жителите да се изјаснат како Бугари, но и со давање 300 евра за да се изјаснат како Бугари.“ – обвинуваат од партијата на Македонците од МАЕИ.
Според резултатите од пописот во Албанија, наводно, во оваа држава живеат само 2.281 Македонци, наспроти 7.957 Бугари, а во претходните досегашни 11 пописи ниту едно лице не се изјаснило како Бугарин.





