„Ветото, употребено како ефикасен инструмент за притисоци и уцени, многу порешително се применува во други делови на Европа, како, на пример, во Балканот, за кој зачудува фактот дека ЕУ веќе со децении покажува негрижен и непринципиелен однос. Земји кои најчесто ја ставаат целата ЕУ во позиција на заложник се Грција и Бугарија со своите вета кон Македонија.“ – вели публицистот и новинар Ивица Челиковиќ во својата колумна со наслов „Право на вето, или федерализација на ЕУ“, која ја објави информативниот портал „Плусинфо“.
Правото на вето мошне често ја парализира подготвеноста на ЕУ за дејствување и на таков начин ја држи како заложник, поради одделни национални интереси. Земји кои најчесто ја ставаат целата ЕУ во позиција на заложник се Грција и и Унгарија, а во последно време во таа улога се „прослави“ и Бугарија. Кога една ЕУ-членка посегнува по вето во меѓународната политика, тоа најчесто се случува со цел да ги принуди најмоќните членки да ги признаат токму нејзините стратегиски интереси.
Досега во Брисел само Орбан беше истуркан да пие кафе во ходникот пред салата за состаноци, изнесувајќи го со себе и ветото, потпикнато како стара хартија во задниот џеб. Никој на сличен начин не се обидел да го „заобиколи“ бугарскиот претседател Радев, за да се изврши притисок Софија да се воздржи при гласањето за отворање на пристапните прегевори на Македонија за членство.
Никој во изминатите дваесетина години не се потрудил да ги натера ниту грчките лидери да излезат од салата и да се напијат кафе, па така да се воздржат и да го прескокнат проблемот со името на Македонија во интерес на забрзувањето на регионалното вклучување во европските интеграции.
Бугарското и грчкото вето се најсилната карта извадена од ракавот, која го решава исходот на играта во нивна полза. Улогата на ЕУ тука се сведуваше главно на пасивен набљудувач. Правото на вето, посебно кога се злоупотребува, заради понижување, заплашување и вршење непринципиелни притисоци, веќе подолго време предизвикува надразнетост.
Расправата во врска со неговото укинување сигурно ќе се засили во наредниот период. Но за тоа да биде можно, извесни жртви сепак ќе мора да бидат направени на штета на националниот суверенитет. Со фрлање на „црвениот картон“ во корпа за отпадоци.





