„Ние треба да се чуваме од секакво директно, или индиректно мешање во нашите работи од која и да било држава… Особено треба да бидеме претпазливи и внимателни во односите кон официјална Бугарија, зашто … за нашата борба и за самите нас таа, пред сите други држави, може да стане волк, кој влегол во нашата кошара.” – предупредувал уште во 1905 година Ѓорче Петров, еден од од главните идеолози и стратези на македонската револуционерна борба, покрај Гоце Делчев, во својата бележита студија на тема „Македонското ослободително дело. Цел, средства и задачи”. Имајќи ги предвид положбата на денешна Република Македонија и поставеноста кон неа од страна на официјална Бугарија и меѓународната заедница, споменатиот став на Ѓорче Петров моќно одекнува со голема актуелност и денес, кога се одбележуваат 103 години од неговото убиство на улиците во Софија на 28 јуни во 1921 година по наредба на Тодор Александров.
Ѓорче Петров бил решителен противник на политиката на Бугарија кон Македонија и македонското револуционерно движење
На страниците на македонската историја, Ѓорче Петров останува засекогаш забележан со златни букви како еден од најголемите водачи и идеолози на македонското револуционерно движење кон крајот на 19 век. Бил главен застапник за самостојност на македонското револуционерно движење. Со својата револуционерна активност се пројавил како противник на бугарската државна политика кон Македонија и нејзино приклучување кон бугарската држава. Како идеолог заедно со Гоце Делчев го создава првиот устав на Македонската револуционерна организација (МРО). Туше Влахов, кој и самиот бил вклучен во македонското револуционерно движење, во својата книга пишува дека при изработката на споменатиот устав Гоце Делчев и Ѓорче Петров ги внеле своите крајно радикални идеи – повикувале на обединување на сите Македонци.
Поради своите македонски определби и принципи, од страна на непријателите на македонската кауза бил навредуван со зборовите „изрод“ и „гад“, или како „македонскиот велзевул Ѓорче Петров“. Тој бил целосно спротивставен кон црковната и училишната политика на Бугарската егзархија во Македонија. Водел голема борба не само преку печатот, туку и со други разни средства против орудијата на бугарскиот двор и влада, кои дејствувале да ja уништат самостојноста и независноста на македонското националослободително движење и да ја вклучат Македонија во рамки на бугарската држава. Во борбата против врховистите и нивните махинации Горче Петров напишал повеќе статии.
По основањето на Македонската револуционерна организација бугарските политичко-општествени кругови се обидуваат да ја преземат Македонската револуционерна организација преку егзархијата. Во подолгата расправа под наслов „Македонското ослободително дело на бугарската почва“ на сјаен начин ги разоткрил сите нивни планови и потфати, поради што бил двапати затворан и интерниран во Бугарија.
Во својата брошура „Македонското ослободително дело на бугарска почва“, објавена во весникот „Право“ Ѓорче Петров истакнал дека бугарските владетели со своето однесување кон македонското прашање „во своите души со ништо не се разликувале од австриските, грчките и српските – кои на Македонија гледале како на погодно тло за иден грабеж“.
Решението на Централниот комитет во Солун од месец јануари 1903 година за кревање предвремено востание Ѓорче Петров енергично го одбил. До последниот момент докажувал дека со тоа ќе му се нанесе огромна пакост на македонскиот народ, бидејќи недоволно подготвен со оружје и во неповолни надворешни услови се наговара да се крене на востание. Откако не успеал ни Ѓорче, ни неговиот другар Гоце Делчев да го отклони решението за кревање на востание, другиот ден по неговото објавување, на 3 август 1903 година и самиот со прилично голема чета, составена од македонски печалбари во Бугарија, ja преминал турската граница, за да ja подели судбината на востанатиот народ во својот роден Прилепски крај.
Огнениот агитатор и публицист го заменил перото во овие бурни илинденски денови со пушката и како востаник зел учество во познатата крвава битка на мариовскиот терен кај Чаништа и во други поситни акции. Останал во Македонија цела година по востанието, за да ги средува околностите по доживеаната катастрофа.
По Балканските војни и Првата светска војна се повлекол од активно учество во македонското револуционерно движење. Но до крајот на својот живот останал приврзаник на идејата за македонска независна држава, противник на бугарската политика кон Македонија и заштитник на македонските идеали и принципи.
Извори: Статија „Ѓорче Петров – икона на борбата за независна македонска држава“ во весникот „Нова Македонија“ и статија „Животот и делото на Ѓорче Петров (2)“ на историчарот Љубен Лапе во неделниот весник „Глобус“





