Неефикасно управување со стратегиски проект, како изградба на Коридор 8 од железничката инфраструктура кон исток во фаза 1 и фаза 2, започнат уште во 1996 година и се уште не е завршен. Ова е заклучокот од извештајот на Државниот завод за ревизија „Реализација на капитални инвестиции финансирани преку буџетот на РСМ, ЕУ фондовите и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“, со што се посочува дека вредноста на проектот е зголемена и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра поради неисполнети услови за ефективност на заемот во период од седум години.
Според ревизорскиот извештај, за проектот за изградба на Коридор 8 од железничката инфраструктура кон исток, фаза 3, фазата за планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои ризик од губење на грант-средствата на ИПА во износ од 60 765 милиони евра, како и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување дополнителни средства од буџетот на државата.

- „Во исто време нагласуваме дека вредноста на проектот е зголемена од првично планираната. Според билатералниот договор склучен помеѓу Европска Унија и Македонија, таа е 340 милиони евра, додека до денот на ревизијата вредноста е зголемена и проценета на 560 милиони евра, што претставува зголемување во износ од 220 милиони евра“, се вели во извештајот од ДЗР.
Извештајот на ДЗР покажува и дека на првата делница од пругата кон Бугарија, Куманово – Бељаковце до крајот на декември биле реализирани 47 отсто од активностите од вкупната траса која треба да биде изградена. Во таа насока, во ревизорскиот извештај се вели дека останува неизвесноста за нејзино завршување поради тоа што рокот за реализација истекува во октомври годинава.
За периодот од октомври до декември 2023 година финансискиот напредок на изведувачот изнесува 17,7 милиони евра.

За степенот на реализација на проектот ревизијата утврдила дека физичката реализација за првата фаза со првиот изведувач за период од шест години е само 54 отсто, а договорот за изведба на работите пред да биде раскинат во 2020 година финансиски е реализиран во износ од 27,7 милиони евра или 69,7 отсто.
За втората делница, Бељаковце-Крива Паланка, до крајот на 2023 година, согласно податоците во тримесечниот извештај октомври-декември 2023 година добиени од консултантот, финансискиот напредок на договорот изнесува 21 милион евра. Изведувачи на работите на првите две делници се „Ѓулермак“ и „Штрабаг“, а инвестицијата изнесува околу 200 милиони евра. Според претходните најави од Министерството за транспорт, првата делница треба да се пушти во октомври годинава, а втората во февруари следната година.





