„Бугарија и натаму отворено ги негира македонскиот јазик и македонскиот идентитет. По 2022 година бугарското негирање на македонскиот идентитет стана дел од процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, со цел да се загарантира негирањето на македонството, што значи целосен помор на сѐ што е македонско. Затоа првиот чекор што новата Влада на Македонија треба да го направи е раскинување на Договорот со Бугарија.“ – вели Љупчо Коцарев, член на Македонската академија на науки и уметности во својата колумна со наслов „Македонски нихилизам“, што ја објави весникот „Нова Македонија“.
Натаму, покрај другото, Коцарев пишува: Македонските нихилисти го негираат исклучиво македонството: постоењето Македонци во Егеј и во Пирин, постоењето просторно-временски македонски јазичен континуум, постоењето македонски идентитет, македонска култура, македонски јазик, постоењето на сè што е македонско. За македонските нихилисти животот на Македонците нема значење и/или вредност. Негирањето на Името Македонија е негирање на нашето битие, на нашето суштествување,. Негирањето на македонството за Македонците доведува до разнебитување.
Во изминативе месец и половина по инаугурацијата на претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, македонската јавност беше и сѐ уште е опседната со Договорот со Грција. Договорот со Грција – „правниот Франкенштајн во меѓународното договорно право“ (Христо Ивановски), е изворот на сите наши проблеми. Меѓутоа, да не го заборавиме Договорот со Бугарија.
Нашето битисување, нашето духовно постоење, може да се оправда само преку милениумското постоење на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет не само на територијата на денешна Македонија, туку и пошироко, во Грција, во Бугарија и во Албанија и насекаде каде што живеат Македонци.





