Закана на Тачи од Приштина: Р*М ќе биде етнички и политички дестабилизирана кога ќе го напуштиме дијалогот и нема да одговараме за тоа!

Мендух Тачи, лидерот на Демократската партија на Албанците, која е дел од „Европскиот фронт“ на ДУИ и Али Ахмети, синоќа, на 25 јуни 2024 година, се закани со „етничка и политичка дестабилизација на * Македонија“, ако „биде напуштена масата на дијалогот“! Оваа најава, поточно закана, Тачи ја упати од Косово, од Приштина, учествувајќи во емисијата „Пресинг“ на тамошната телевизија Т 7. Изјавата на Тачи ја пренесе приштинскиот весник на албански јазик „Газета Експрес“, кој е дел на интегрираната медиумска платформа заедно со ТВ Т 7. Изјавата на Мендух Тачи синоќа и рано утрово, на 26 јуни 2024 година ја пренесоа поголем број медиуми на албански јазик во Македонија. Засега останува нејасно: за каква „маса на дијалог“ зборува Тачи, за какви „разговори“,  меѓу кого и за што?



Приштинска „Газета Експрес“ ја цитира споменатата изјава на лидерот на ДПА Мендух Тачи, дадена за ТВ Т7: „Патот може да биде различен и на тој поинаков пат ние ќе ја напуштиме масата на дијалогот. Но нашето заминување ќе значи и заминување од одговорноста. Да не помислува коалицијата Вреди дека во разговорите ќе можат да се потсмеваат на Европскиот фронт, или со лидерот на дијалогот на Европскиот фронт во разговорите. Во моментот кога ќе ја напуштиме масата на разговорите и на дијалогот, * Македонија ќе се најде на прагот на политичката и етничката дестабилизација! Ние не можеме да станеме дел од еден бесконечен, бесплоден дијалог.“