„Новата влада во претставувањето на својата програма јасно стави до знаење дека има конкретни приоритети, меѓу кои главни се враќањето на довербата на граѓаните во институциите во државата, отстранувањето на корупцијата, владеењето на правото и економскиот напредок. Тоа е итна потреба на граѓаните на оваа земја, кои се веќе потонати во крајна сиромаштија.“ – се вели во редакциската анализа со наслов „Нова влада со јасни приоритети!“, која ја објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“.
Покрај другото, натаму во оваа анализа се истакнува: Споредено со претходните години, ова е една од најстабилните влади по бројот на пратеници во парламентарното мнозинство, кое ја формира оваа влада. За разлика од другите влади, кои беа на стаклени нозе и зависеа само од еден пратеник, ова ново владино мнозинство успеа да обезбеди своја стабилност. Тоа може да се земе како показател дека оваа влада ќе донесе конкретни резултати во служба на граѓаните.
Новата влада ја почнува веднаш својата работа. Главната цел на нејзината Програма за работа во периодот 2024-2028 година, која ја поднесе премиерот Христијан Мицкоски до Собранието, е да се врати довербата во државните владини институции, да се отстрани корупцијата, да се гарантира владеење на правото, но и економско закрепнување, заради создавање продуктивни и добро платени работни места.
Еден од столбовите на програмата на владата е фронтот против корупцијата, што предвидува реформа на судскиот систем и систематска борба против корупцијата. Владата ќе поттикне измена на Уставот кај регулирањето на составот на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Се предвидува распуштање и правна реформа на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.
Во преоден период, Владата ќе поттикне законски измени, со кои ќе се утврдат строги и објективно мерливи критериуми, што треба да ги исполнат новите членови, избрани на предлог на Собранието и претседателот на државата, преку отворена и јавна процедура. Со тоа ќе се гарантираат интегритетот и квалитетот на избраните кандидати.
„Законите ќе се применуваат подеднакво за сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, полова и друга припадност. Владата ќе понуди нови систематски решенија за претворање на органите на правдата во вистински независни, отворени, одговорни и ефикасни субјекти, кои се темел на нормално демократско општество. Посветено ќе се ослободува судството од ограничувањата на извршната власт и ќе се спроведуваат политики за расчистување со судирот на интереси во судството, сегашното роднинство (непотизам), пријателствата и партизацијата.“ – се наведува во програмата на Владата.
Исто така, во владината Програма за следниот четиригодишен период се нагласува и следново: „Нашата посветеност на европската интеграција останува силна. Ќе работиме ревносно на усогласување на нашите политики со европските стандарди, водејќи ја напред нашата цел за полноправно членство во Европската унија. Овој пристап ќе донесе стабилност, економски раст и зголемена меѓународна соработка, обезбедувајќи и подобра иднина за граѓаните.“
Секоја смела активност денес е доказ и напор да се создаде подобра иднина утре. Политичарите-визионери се оние, кои мислат и дејствуваат за идните генерации, а не денес за денес. Тоа е докажано и несомнено ќе се докажува дека има луѓе, кои се грижат за поколенијата, кои доаѓаат, оти има луѓе, што се стремат кон развој и напредок во сите области во целина.





